Претседателскиот кандидат на СДСМ и коалицијата, Стево Пендаровски, вечерва на прес-конференција истакна дека мнозинската поддршка од граѓаните во првиот изборен круг значи дека концептот „заедно напред“ ќе победи на 5 мај.

– Мнозинството граѓани се изјаснија дека сакаат напред. Концептот „заедно напред“ ќе се заокружи на 5 мај. Едвај чекам да се фатам за работа бидејќи државата 10 години немаше претседател. На вториот изборен круг ќе биде полесно, бидејќи голема е разликата помеѓу мене и Сиљановска Давкова – рече Пендаровски.

Премиерот и претседател на СДСМ, Зоран Заев, изборите ги оцени за фер и демократски и рече дека „во вториот круг со изборот на европски претседател ќе се заокружи уште една европска вредност“.

– Овие избори се многу важни, бидејќи се одлучува дали и со кое темпо ќе одиме напред. Имаме два различни концепти еден кој е прогресивен и обединува и друг кој е деструктивен и дели. Јасно е дека во вториот круг Стево Пендаровски ќе добие уште поголема поддршка од граѓаните – рече Заев.

Тој ги повика сите неопределени граѓани, оние кои се колебале, но и гласачите на Река, да гласаат во вториот круг „за европски вредности“.