fbpx

Пендаровски: Почнуваме традиција за одбележување на 2 Август во „Св. Прохор Пчински“

-

„Се надевам дека ова е почеток на традиција во која на 2 август ќе го прославуваме во „Св. Прохор Пчински“ и ќе доаѓаме тука за да оддадеме почит на оние кои ја формирале македонската држава во 1944, рече претседателот Стево Пендаровски, кој по повод одбележувањето на 2 Август, Илинден – Денот на Републиката, ја предводи државнo-црковната делегација во посета на манастирот „Св. Прохор Пчински“, каде е одржано првото заседание на Антифашистичкото собрание на народното ослободување на Македонија (АСНОМ), на 2 август 1944 година.

Пендаровски се заблагодари на српските власти, што земјава доби можност, по 18 години пауза, на ова, како што рече, за нас свето место, да го одбележи големиот македонски празник.

Во состав на државно-црковната делегација на чествувањето во манастирот „Св. Прохор Пчински“ се министерката за одбрана, Славјанка Петровска, пратениците во Собранието на Република Северна Македонија, Мирослав Јовановиќ и Лидија Тасевска, Кумановско-осоговскиот митрополит г. Григориј и Епископот Стобиски г. Јаков, како претставници на Македонската Православна Црква – Охридска Архиепископија, како и претставници од Сојузот на борците на НОБ.

Од српска страна, на чествувањето присуствуваат министерот за надворешни работи на Република Србија, Никола Селаковиќ и Епископот врањски г. Пахомије, како претставник на Српската Православна Црква.

Претходно, на платото во Кабинетот на претседателот се одржа централна манифестација, на која беа доделени одликувањата Орден на Република Северна Македонија, Орден за воени заслуги и Медал за храброст.

Со Орден на Република Северна Македонија, постхумно е одликуван Крсте Црвенковски, за својот особен, стратешки, долготраен и неповторлив придонес во втемелувањето и во развојот на македонската држава и на македонското општество.

Со Орден за воени заслуги, постхумно е одликувана Невена Николова Георгиева – Дуња, за извонредната храброст, пожртвуваноста, непоколебливоста и за лидерската улога во антифашистичката борба во работничките и во синдикалните движења, коишто се застапувале за социјална правда, со што ја задолжи нашата држава со своето херојско дело и со својот пример за посветеност на заедничката цел и на заедничката борба за подобар и поправеден свет.

Со Медал за храброст се одликувани: Никола Стојановски, Јован Величковски, Трајанка Аврамовска (постхумно), Илија Дуновски, Никола Николоски, Цветко Цветкоски, Кадрија Џафери и Дaфинка Богоева.

„На Свети Илија го славиме нашиот најголем државен празник, затоа што на денешен ден, македонскиот народ и неговите сонародници ги воспоставија своите две републики – Крушевската во 1903-та и асномската во 1944 година. Барајќи излез од авторитарните монархии и автократските режими кои систематски го обесправувале, асимилирале и експлоатирале, македонскиот народ спасот го нашол во републиката како најправеден и најпрогресивен државен поредок. Поредок кој требало да му овозможи да има слободна, функционална политичка заедница обединета околу општото добро и јавниот интерес, рече Пендаровски на манифестацијата.

Тој посочи дека концептот на обединета Европа ни ја дава најдобрата шанса да го заокружиме развојот на Северна Македонија како современа европска република. Посочи дека е свесен дека кај дел од граѓаните постои стравување дека на тој пат кон Европа ќе биде цензурирано нашето историско паметење, како и дека веќе нема да можеме да спомнуваме против кого се бореле нашите херои или дека ќе треба да ги затвориме очите пред фактите за депортацијата на македонските Евреи во Треблинка и масакрот на младинците во Ваташа.

„Со историската вистина нема компромис, говорењето на историските факти, никогаш не било, ниту може да биде говор на омраза. Затоа, ќе продолжиме да ја зборуваме вистината и само вистината. Не треба да чувствуваме никаков страв. Ако македонскиот народ не подлегнал на обидите за асимилација, денационализација и историски ревизионизам во периодите кога бил обесправен и немал своја држава, денес, при своја држава, шансите за такво нешто се непостоечки. А наша должност е да се грижиме нашата република, сите нејзини граѓани подеднакво да ја чувствуваат како своја татковина“, посочи Пендаровски.

Во рамките на одбележувањето на големиот празник, Претседателот Пендаровски положи цвеќе и на Споменикот на паднатите борци од НОБ во Алејата на великаните на градските гробишта во Бутел и се поклони на гробот на првиот претседател Киро Глигоров, на гробот на генерал Михајло Апостолски, и на гробот на претседателот Борис Трајковски.

Делегации од Кабинетот на претседателот, денеска положија цвеќе и на споменикот на АСНОМ во паркот „Жена-борец“, на споменикот на Никола Карев пред Собранието на Република Северна Македонија, и на споменикот на Методија Андонов – Ченто на плоштад „Македонија“,на гробот на Никола Карев, на споменикот на хероите на месноста „Слива“ и на Мечкин Камен во Крушево, пред Меморијалниот центар на АСНОМ во Пелинце и во Смилево, на Могилата на Даме Груев, на споменикот на смилевските илинденци и на спомен-плочата на партизанскиот одред „Даме Груев“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...