fbpx

Пендаровски по повод 30 години АРМ: Сите сме свесни каква опасност се дезинформациите и пропагандата

-

Во споредба со почетоците, денес, имаме бројно помала, но борбено далеку поефикасна професионална Армија, која е многу подобро опремена и подготвена да се справува и со новите асиметрични и хибридни закани на 21 век, рече претседателот на државата и врховен командант на вооружените сили Стево Пендаровски на денешната трибина со која започнува одбележувањето на големиот јубилеј – 30 години од формирањето на македонската Армија.

Шефот на државата додаде дека украинскиот пример, ни покажува дека класичните воени закани остануваат присутни, меѓутоа новото време носи и нови безбедносни предизвици кои не смееме да ги игнорираме. Во овој контекст, нагласи Пендаровски, сите сме свесни каква опасност се дезинформациите, лажните вести и политичката пропаганда која има за цел да ја дестабилизира демократијата како систем.

„За да бидеме спремни за соочување и со традиционалните и со новите закани, ќе продолжиме да инвестираме во одбраната за да го постигнеме прагот за издвојување на 2 отсто од БДП, во согласност со стандардите на НАТО. Ќе продолжиме со реформите во одбраната, со модернизација и опремување и со јакнењето на отпорноста на нашиот безбедносен систем, особено на хибридните и сајбер закани и борбата со лажните вести и дезинформации. Исто така, ќе продолжиме и да придонесуваме кон колективната безбедност и одбрана со учество во мисии заедно со нашите сојузници… Припадниците на Армијата ќе продолжат со истата посветеност како и до сега да ја исполнуваат својата уставна должност да го штитат нашиот територијален интегритет и суверенитет, како предуслов за мирот, безбедноста и демократскиот развој на македонското мултиетничко општество. Во таа смисла, македонските граѓани можат да бидат сосема спокојни“, порача претседателот Пендаровски.

Тој додаде дека во нашата понова историја сме имале неколку важни стратешки одлуки, иако, за жал, многу одлуки беа избрзани и популистички. Како една од најдобрите одлуки зад која повеќе од три децении стои широк надпартиски и општествен консензус, претседателот ја вброи истрајноста во нашата евроатлантска ориентација велејќи дека токму во овој период на огромни геополитички тензии и воени конфликти, членството во НАТО претставува важен стабилизирачки фактор за Северна Македонија

Низ целиот овој 30-годишен период, Армијата беше ангажирана и во клучните предизвици низ кои минуваше државата, какви што беа косовската криза од 1999-та, воениот конфликт од 2001 година и мигрантската криза од 2015 година. Армијата се вклучуваше и помагаше и на најразлични кризни и вонредни ситуации, од справување со елементарните непогоди и пожари, па сè до пандемијата на Ковид-19“, истакна Пендаровски.

За жал, нагласи тој, како и пред 30-тина години, Европа и светот повторно влегоа во период на голема неизвесност. По пандемијата која немаше само здравствени, туку и економски и социјални последици, со руската агресија врз Украина, безбедносната стана истовремено и бегалска, и хуманитарна и енергетска криза.

„Со особено внимание ги следиме настаните во Украина и во рамките на нашите можности, како членка на НАТО помагаме во одбраната на демократските вредности на слободниот свет. Уште од првиот ден ја осудивме агресијата на Русија врз Украина, и се солидаризиравме со украинскиот народ и држава. Во исто време, подготвени сме да не дозволиме никакви индиректни влијанија, уште помалку директни инволвирања на трети страни кај нас и на тој план сме решени да истраеме“, рече шефот на државата.

Министерката за одбрана Славјанка Петровска истакна дека во изминатите три децении поминати се низа падови и подеми, но и посветена работа во спроведување на реформи во одбранбениот сектор и зајакнување на одбранбените капацитети и способности, за да на 27 март 2020 година, земјата го исполни долгогодишниот надворешно политички приоритет – членството во Алијансата. Со тоа добивме уверлива безбедносна гаранција во крајно комплексното, динамично и непредвидливо современо безбедносно опкружување.

„Можам слободно да изнесам дека членството во Алијансата дојде во вистински момент. Ќе остане забележано дека 2020 година беше година која ја одбележа пандемијата со Ковид-19 која ја покажа на дело солидарноста на сите нас во справувањето со ваквите закани, а членството потврди дека солидарноста е присутна и во услови кога не зборуваме само за безбедноста и сигурноста. Меѓутоа, 2022 година ја покажа суровата реалност од нови безбедносни ризици, закани и предизвици кои се исклучително сериозни и непоимливи дека можат да се случат од крајот на Втората Светска Војна, но и од настаните во поранешна Југославија. Случувањата во Украина нè потсетија дека војната на европско тло не е минато, а мирот не е загарантиран“, рече Петровска.

Согласно обврските од НАТО Самитот во Велс, во 2014 година, таа додаде дека секоја земја членка треба да инвестира најмалку 2 отсто од БДП, од кои најмалку 20 проценти треба да бидат наменети за набавка на опрема и за модернизација, а Република Северна Македонија, вели, е на чекор до го достигне тоа ниво.

„Оваа година буџетот е 1.77 отсто од БДП. До 2024 е извесно дека тоа ќе го достигнеме, но уште поважно е дека 30 проценти од овој буџет одат за опрема и модернизација. Согласно Агендата 2030 на НАТО, како и новонастанатите безбедносни случувања на тлото на Европа, јасно е дека само со долгорочно инвестирање во одбраната ќе бидеме способни и реално да ги исполниме нашите обврски и да го потврдиме нашиот приоритет како рамноправен сојузник“, рече министерката за одбрана.

Началникот на Генералштабот, генерал-потполковник Васко Ѓурчиновски напомна дека 28 март за припадниците на Армијата е голем историски ден, ден кога пред 30 години формално и правно, Генералштабот на Армијата започна со извршување на своите уставно законски функции и надлежности.

„Во далечната 1992 година Армијата го оформи базичниот темел на кој неуморно и посветено отпочна да ја надградува својата структура и функционалност. Со ова во целост ја изврши дадената задача од државното раководство и покажа дека со право е еден од главните столбови на кои е поставена нашата државност“, истакна Ѓурчиновски.

Тој додаде дека Армијата како најзначаен субјект во одбранбениот систем на Републиката, во овие 30 години умееше секогаш да ги собере приоритетите во структурните промени.

„Констатацијата од раководството на Алијансата дека ги исполнивме потребните услови за целосно воено интегрирање во НАТО во рекорден рок е доказ дека умееме да ги вградуваме научените лекции и владееме со трансформациските процеси на начин кој потврдува успех“, нагласи началникот на Генералштабот.

Првиот министер за одбрана на државата, Трајан Гоцевски во обраќањето на собирот нагласи дека историјата е многу интересен процес и дека за нашата земја таа секогаш била посебен процес.

„На 27 март 1992 година последниот војник од тогашната Армија замина од нашата територија и на 28-ми станавме суверени во својата територија. На 27 март 2020 година генералниот секретар на НАТО објави дека Северна Македонија е 30-тата членка на НАТО. Овие два настани имаат огромно значење за нашата држава, бидејќи се совпаѓаат со сегашната годишнина на нејзиниот систем за одбрана“, рече Гоцевски.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.