Македонскиот претседател Стево Пендаровски очекува цврста поддршка за проширувањето на ЕУ со земјите од Западен Балкан од страна на новиот Комесар за соседска политика и преговори за проширување, Оливер Вархеји. Претседателот Пендаровски денеска се сретнал со еврокомесарот Вархеји и му го честитал именувањето на новата функција, информираат од претседателскиот кабинет.

Двајцата соговорници размениле мислења и информации за актуелните состојби во нашата земја, како и за аспирациите на земјата за членство во Европската унија. Претседателот Пендаровски истакнал дека европската и евроатлантската интеграција останува стратешка цел за нашата држава.

„Северна Македонија, истакна претседателот Пендаровски, останува посветена на европската агенда, имајќи го предвид фактот дека за членството во ЕУ има национален консензус меѓу политичките чинители и висока поддршка од граѓаните. Претседателот изрази надеж дека до март годинава ќе биде дефинирана новата методологија за водење на процесот на пристапните преговори меѓу земјите – членки на ЕУ“, се наведува во соопштението од кабинетот на претседателот.

Во контекст на предвремените парламентарни избори, Пендаровски повикал на одговорност од сите политички чинители и истакнал дека тие треба да бидат фер, слободни и во демократска атмосфера, со оглед на нашите аспирации за идна земја – членка на Европската унија.