fbpx

Пендаровски: Неопходен е Закон за вонредна состојба за да се избегнат празнините со кои се соочивме

-

На иницијатива на Претседателскиот центар за политичко образование, денеска се одржа конференција на тема „Вонредна состојба: научени лекции и идни предизвици“, на која се дискутираше за потребата за изготвување Закон за вонредна состојба.

Во своето обраќање на отворањето на конференцијата, претседателот на државата Стево Пендаровски се осврна на минатогодишната состојба, кога во услови на распуштено Собрание и парализа на Владата, институциите се соочија со предизвик за кој подготвен одговор, рече тој, немаа и многу поразвиени држави. За да не се повторат слични ситуации, државата треба да добие Закон за вонредна состојба.

„Вонредната состојба беше единствениот легален излез од блокадата на институциите, наметната од изборниот процес, во време кога требаше да се организира здравствениот систем за да се спасуваат илјадници животи и да се зачува економската активност со што превениравме општествен колапс. Треба да се искористи искуството од минатата година и навремено да го подготвиме поредокот и општеството за можната идна криза.

Јасно е дека ни е потребен посебен закон за вонредна состојба во кој ќе бидат правно уредени сите празнини со кои се соочивме кога требаше да го организираме системот во нестандардни околности, само врз основа на неколку генерални одредби од Уставот. Притоа е неспорно, барем за мене, дека идниот закон мора да биде продукт од дијалогот меѓу експертите, но и во генералната јавност и да биде донесен врз основа на најширок можен политички консензус“, истакна претседателот Пендаровски, осврнувајќи се на опасностите кои ги надминуваат политичките, идеолошките, етничките, верските и социјалните линии на поделба.

На конференцијата се обрати и министерот за правда, Бојан Маричиќ, кој истакна дека долгата вонредна состојба и речиси неограничената моќ беше сосема непосакувана состојба во која Владата беше и извршна и законодавна власт.

„Сето ова е во насока на тврдењето дека немањето посебен закон за воена и вонредна состојба е правен недостаток или правна празнина која треба да биде пополнета и дека законот треба да биде дополнителна гаранција и поткрепа на нашите демократски вредности“, рече министерот Маричиќ, додавајќи дека Министерството за правда формирало работна група од еминентни експерти и академската заедница, кои во наредниот период ќе работат на подготовка на Нацрт-закон за воена и вонредна состојба. Министерот Маричиќ истакна и дека Министерството за правда изработило и Анализа на искуствата на институциите за време на вонредната состојба и уредбите со законска сила.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...