fbpx

Пендаровски: Не смееме да дозволиме негативни кампањи и теории на заговор против вакцинација од ковид-19

-

Пред почетокот на денешното, годишно обраќање на претседателот Стево Пендаровски во Собранието на РСМ, сите присутни во салата со едноминутен молк им оддадоа почит на 2.169 граѓани кои ја загубија битката со корона вирусот. Пендаровски им се заблагодари и на лекарите, на медицинскиот персонал и на сите граѓани кои беа и сѐ уште се на првата линија на фронтот во борбата со пандемијата.

„Пандемијата требаше да биде момент на отрезнување за сите во државата и да доведе до сплотување на нацијата соочена со непознатиот противник, без оглед на сосема легитимните политички, етнички и човечки разлики меѓу нас. Во еден дел таа го постигна тоа, меѓутоа, за жал, во другиот, ги засили постоечките антагонизми, го зголеми јазот на поделби и исфрли на површина институционални слабости, што сѐ заедно, покрај здравствената и политичка криза, ја поткопа и економијата, која кон крајот на годинава и официјално влезе во рецесија“, рече Пендаровски.

Тој потсети дека за време на пандемијата се организираа парламентарни избори, на кои околу 940.000 луѓе го искористија своето право на глас, но, како што рече, масовната бројка на гласачи не беше причина за ширење на вирусот како и дека неколку пати беше свикуван и Советот за безбедност за координација меѓу институциите и имплементација на неопходните мерки.

Како прва и најважна задача што нѐ очекува како држава, веднаш по ставањето под контрола на пандемијата, е да се направи длабинска анализа за функционирање на  правниот, политичкиот и економскиот поредок во изминатава година, да се извлечат поуки и да се постават на здрави основи сите делови од системот кои потфрлија

„Затоа што никој не знае дали некоја нова пандемија не нѐ чека веќе на следиот свиок на историјата“, посочи Пендаровски.

Тој најави дека следната година ќе иницира јавна дебата за изработка на закони за воена и вонредна состојба и правна рамка за реформа на целокупниот систем на кризниот менаџмент. Она што сигурно нѐ очекува, според Пендаровски, е нов бран на негативни кампањи кои ќе ги обесхрабруваат луѓето да се вакцинираат преку ширење на теории на заговор на социјалните мрежи.

„Кампањата за вакцинирање, кое секако ќе биде на доброволна основа, ќе мора да се води и преку лични примери. Не смееме да дозволиме, во 21-от век за вакви сериозни прашања, полуписмени шарлатани и надрилекари да доминираат над најголемите научни имиња и институти кои во изминативе два века, од појавата на првите вакцини, спасија милиони човечки животи“, рече тој.

Во контекст на спорот со Бугарија, Пендаровски изјави дека лидерскиот формат на средби треба да се напушти затоа што во суштина се замена за институциите кога тие немаат полн легалитет и легитимитет, што кај нас не е случај.

„За мене е несериозно во 2020 година, да се соберат сите релевантни политички партии и политичари и свечено да потпишат дека сме Македонци кои зборуваат македонски јазик!?“, изјави Пендаровски, додавајќи дека никој од денешната генерација политичари нема право да се договара или преговара за тие прашања, и денес и во иднина, затоа што нашите црвени линии одамна се утврдени во 1944-та година со државотворните акти на Првото заседание на АСНОМ: Манифестот до македонскиот народ и Документот број 8 за воведување на македонскиот јазик како службен во македонската држава.

„Наспроти бугарското вето, никој да нема дилема: Северна Македонија ќе продолжи кон Европската Унија, затоа што сме убедени дека само преку процесите на европеизација можеме да станеме реална и просперитетна демократија во релативно краток временски период. ЕУ сѐ уште е незаменлив инструмент за демократизирање, а со нејзините вредности, инспирација за милиони луѓе во светот. Притоа, нема да прифатиме никаква резервна варијанта, а ќе учествуваме во сите регионални и континентални иницијативи, само ако тие се комплементарни, и не претставуваат замена за членството во Унијата“, изјави Пендаровски.

Честитајќи ги престојните празници, тој замоли тие да се прославуваат дома, во кругот на најблиските и го заврши своето обраќање со порака до граѓаните: „Кога издржавме цела година, со маски, со карантини, изолација, полициски часови, ограничено движење, ве молам, да издржиме уште некој месец пред да почнеме да се враќаме во нормала. Ќе има време и за дружење и за излегување и за муабети со пријателите и колегите. Но, премногу луѓе изгубивме за да си дозволиме нови човечки и семејни трагедии. Ако го сочуваме највредното – здравјето, за сите други проблеми и тежини кои животот секогаш ги носи со себе, ќе бараме решенија и ќе си помагаме еден со друг“.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...