Фото: Кабинет на претседателот Пендаровски

„Неспорно е дека македонскиот народ има симпатии кон Русија поради религијата, јазиците и словенскиот етникум. Она што мене ме загрижува е дека во политичка смисла етничките Македонци се вртат кон политичките ставови на Русија. Особено загрижувачки е што над 40 отсто од јавноста смета дека алтернатива на ЕУ е Евроазиска унија, а некои од партиите се предоминантно за оваа опција што може да направи проблем околу идните процеси“, изјави претседателот Стево Пендаровски за Утрински брифинг.

Тој додаде дека во Македонија ќе се случува збивање на редовите пред она што се оценува како заедничка опасност и ризик, исто како што има во НАТО и ЕУ, оти ова е нецивилизирано однесување. Според Пендаровски, нема никакво оправдување за ова што го прави Путин и го вели – дека Украина има профашистички режим, а притоа е предводена од еден Евреин.

„Немам никакви комуникации со рускиот амбасадор, а веројатно нема ни владата, но бидејќи како членка на НАТО се приклучивме кон санкциите и очекувам реципрочна мерка. Во политичкиот дел исто така очекувам мерки, бидејќи односите не ни се добри веќе две години. Во однос на безбедносните консеквенци ако Путин ја освои Украина, на Западен Балкан најранливата точка е Бања Лука“, рече претседателот додавајќи дека е очигледно дека има постојан канал на комуникации меѓу Владимир Путин и Милорад Додик.

Пендаровски се осврна и на вчерашната вонредна седница на Советот на НАТО која резултираше со заклучок дека има напад врз цела територија на една суверена земја, што е без преседан, а тоа е сериозен обид да се нарушу архитектурата на безбедноста во Европа.

„Ние сме членки на НАТО, индикативно ми е што состанокот на ЕУ траел долго, а состанокот на НАТО траеше точно 60 минути, говореа сите и заклучокот беше еден: Русија е агресор. Во однос на санкциите, тоа се главно финансиски санкции и не нерувам дека ќе имаат поголем ефект. Голем дел од операциите во Украина се финансирани и со биткоини а тоа не може да се сопре“, рече претседателот Пендаровски.

Тој рече дека нема сомнеж во западната политичка ориентација на политичките партии, но кај граѓаните бројките велат друго. Претседателот додаде дека на некои следни избори ќе треба да се калкулира и да се адаптира политичката програма и говор.

„Голема политичка штета прави тоа што нашите западни партнери по промената на името не ги започнаа преговорите со Македонија. Оти како да им се објасни на граѓаните неисполнувањето на вториот дел од референдумското прашање“, рече Пендаровски.

Претседателот смета дека Бугарија е побитен стратешки партнер за НАТО од Македонија и евентуално може да дојде до омекнување на нивниот став по завршувањето на украинската криза, а Западниот Балкан е објективно заборавен од ЕУ.

„Ние 17 години чекаме да почнеме преговори, а Србија и Црна Гора веќе 10 години преговараат. Која е перспективата на луѓето што ние им ја нудиме? Сите се согласуваат дека Западниот Балкан е неправедно запоставен, а Европа го гледаше Балканот само од призма на бегалскиот бран“, рече Пендаровски.

Тој кажа дека на вчерашниот Совет за безбедност се разговарало не само за безбедносните аспекти, туку и за аспектите кои се битни за живот во државата.

„Проценките се однесуваат на реалните факти изнесени од премиерот. Ние сме пополнети во Стоковите резерви. Проблем ќе биде ако ова со Украина потрае подолго. Тогаш ќе треба да правиме интервентни увози. Србија донесе одлука да не прави извоз на животно битни ресурси. На берзите се качија цените не само на нафтата туку и на житото, рече Пендаровски.