Пендаровски на средба со регионалниот амбасадор на КОП 26, Дејвид Моран: Се подготвува четвртиот национален план за климатски промени

Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Претседателот на Република Северна Македонија, Стево Пендаровски денеска го прими Дејвид Моран, регионалниот амбасадор на КОП26 за Европа, Централна Азија, Турција и Иран.

На средбата се разговараше за долгорочната стратегија на Северна Македонија за климатска акција, со цел превенирање на постоечките ризици и креирање на решенија за ублажување на негативните последици од климатските промени, како и за мерките кои се интегрираат во националните политики.

Претседателот Пендаровски посочи дека во државата се подготвува Четвртиот национален план за климатски промени, ја реафирмираше подготвеноста и заложбите во насока на исполнување на целите од Парискиот договор и обврските преземени на Конференцијата за климатски промени на Обединетите Нации (КОП26), што се одржа во Глазгов.

На средбата беше истакнато дека e потребно да продолжи преземањето на мерки во борбата со климатските промени, како важна компонента на Целите за одржлив развој на Северна Македонија и во согласност со Рамковната конвенција на ОН за климатски промени, чиј потписник е земјава.

„Остануваме посветени на креирање на политики за одржлива и безбедна животна средина, подигнување на јавната свест и јакнење на институционалните капацитети за ублажување и адаптација на климатските промени“, порача претседателот, посочувајќи дека еколошките политики се во фокусот и на Рамката за развој „МКД2030“ што се изработува на негова иницијатива.

Преку интегриран и усогласен пристап на надлежните институции, Северна Македонија останува посветена на унапредување на соработката со Обединетите Нации, со цел ефикасно справување со климатските промени и проактивни политики за климатска акција.