fbpx

Пендаровски му го врачи мандатот за состав на преодна влада на Оливер Спасовски

-

Претседателот Стево Пендаровски, попладнево во претседателската вила на Водно му го врачи мандатот за составување преодна влада на Оливер Спасовски.

– Врз основа на член 84 алинеа прва од Уставот на Република Северна Македонија, а во согласност со член 43 од Законот за Владата на Република Македонија и предлогот на најголемата политичка партија што го формира владиното мнозинство, за мандатор за состав на преодната Влада за спроведување на избори на пратеници, го определувам Оливер Спасовски – изјави Пендаровски.

По завршувањето на седницата во Собранието, за избор на преодна Влада за спроведување на избори на пратеници, Пендаровски ќе ги прими членовите на новиот состав на Владата.

Собраниската седница за изборот на новата влада треба да се одржи најдоцна до полноќ.

Во техничкиот владин кабинет со којшто тој ќе претседава до формирањето на новата влада по изборите, договорени за 12 април, опозицијата, освен министер за внатрешни работи, предлага и министер за труд и социјална политика, како и дополнителни заменик-министри за финансии, информатичко општество и администрација и за земјоделство, а власта добива заменици во МВР и МТСП.

За министер за внатрешни работи, ВМРО-ДПМНЕ го предложи Наќе Чулев, професионалец од Агенцијата за разузнавање, откако СДСМ не го прифати претходниот предлог Драган Ковачки, армиски полковник, да биде на оваа функција, бидејќи станува збор за активно воено лице, што е спротивно на Уставот.

Рашела Мизрахи е предлогот на опозицијата за министер за труд и социјална политика, а за заменик-министер за финансии е предложена Гордана Димитриеска – Кочоска. Во Министерството за информатичко општество и администрација ВМРО-ДПМНЕ ја предложи Невенка Стаменковска – Стојкоски за заменик-министер, а во ресорот земјоделство, за таа функција го предложи Цветан Трипуновски.

Предлозите беа прифатени од СДСМ, која пак за заменик-министер за внатрешни работи ја предложи биде Славјанка Петровска, а за труд и социјална политика Санела Шкријејљ.

Согласно законот, техничкиот министер за внатрешни работи може да изврши најмногу 15 разрешувања или распоредувања, на пониско или повисоко место на носители на раководна позиција во МВР, а може да изврши и хоризонтални распоредувања на вработените кои се на негов предлог во бројката до 10 отсто од бројот на хоризонтални распоредувања базирани на просекот на овие распоредувања во 2013 и 2014 година. Чулев и Петровска ќе имаат врзани потписи, односно доколку некој акт е потпишан само од едното лице, тој нема да биде важечки.

Техничката влада се избира со просто мнозинство. Ова ќе биде втора преодна влада пред одржување предвремени парламентарни избори. Премиер на првата преодна влада формирана по Пржинскиот договор беше Емил Димитриев од ВМРО-ДПМНЕ.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Бесплатно демо за платформската игра „Бласфемос“

На Steam може да се симне бесплатно демо од играта Blasphemous. Станува збор за платформска игра за возрасни која функционира како Souls игра, а естетски наликува на старата добра...