Претседателот Стево Пендаровски, денеска во Париз се сретна со претседателот на Франција, Емануел Макрон. На средбата биле разменети мислења за билатералните односи меѓу двете земји, стратешките определби на нашата земја за членство во ЕУ и НАТО, регионалните прашања и проширувањето на ЕУ.

По средбата, претседателот Пендаровски изјави дека разговорот со претседателот Макрон бил отворен, динамичен и ги слушнал аргументите на претседателот Макрон кои стоеја позади неговата одлука на 18-ти минатиот месец да се одложи давањето преговори на нашата земја.

„Јас од моја страна ги изложив моите аргументи и сега можеме да зборуваме за расчистена ситуација по неколку битни точки. Прво, Макрон и неговиот тим веќе почналe со расчистување на новата методологија, имаат предложено нон-пејпр до земјите-членки кој почнал да циркулира и очекува дека ќе заврши наредните месец два со импут, амандмани и коментари. Начелно тој мисли дека методологијата, најдоцна треба да биде усвоена до март“, изјави Пендаровски по средбата.

Методологијата, според Пендаровски, сега во овој момент е нацрт-документ базиран на идеи и принципи, нема детали и допрва ќе се разработува. Зборува само за начелата до кои треба да се придржуваат земјите-кандидати и земјите-членки кои го проценуваат нивниот прогрес.

Македонскиот претседател го повторил ставот дека државата не се согласува со никаква алтернатива за полноправно членство, а Макрон потенцирал дека неговата намера не била да даде алтернатива на полноправно членство.

По промената на методологијата, Макрон известил дека може да се очекува одлука на Европскиот совет на следниот Самит на Европската Унија во мај, во Загреб.

На средбата било истакнато дека Макрон ќе ја посети државава во првите шест месеци од 2020 година. Францускиот претседател уште еднаш кажал дека одложувањето е заради тоа што на Европската унија и треба повеќе време, а не нам.