Претседателот Стево Пендаровски им го врачи признанието „Инженерски прстен“ на најуспешните студенти кои дипломирале на факултетите што негуваат инженерски дисциплини, информираат од претседателскиот кабинет. Дури 10 од вкупно 12 добитници на прстенот се жени, односно над 83 проценти.
Овогодинешни добитници на признанието се:
- Марија Петрова од Архитектонски факултет – Скопје;
- Дејан Геговски од Градежен факултет, Скопје;
- Маја Шаревска од Машински факултет, Скопје;
- Моника Фиданчевска од Технолошко-металуршки факултет, Скопје;
- Методија Буцевски од Факултет за електротехника и информациски технологии, Скопје;
- Анита Близнаковска од Факултет за земјоделски науки и храна, Скопје;
- Јована Добрева од Факултет за информатички науки и компјутерско инженерство, Скопје;
- Елена Соколевска од Факултет за шумарски науки, пејзажна архитектура и екоинженеринг „Ханс Ем“, Скопје;
- Ана-Марија Стаменкоска од Факултет за дизајн и технологии на мебел и ентериер, Скопје;
- Елена Стефова од Природно математички факултет, Скопје;
- Марија Грујоска од Факултет за природни и технички науки, Штип и
- Марија Наумоска Андреска од Технички факултет, Битола.
Во своето обраќање, претседателот Пендаровски истакна дека доделувањето на признанието „Инженерски прстен“ претставува раритетна и особено значајна манифестација која годинава се одвива по 18-ти пат, што укажува на еден континуитет и изградена традиција.
„Верувам дека инженерскиот прстен веќе прерасна во успешен и оригинален проект кој ја остварува првичната цел – афирмирање на инженерските професии и нивното значење за општеството“, рече претседателот Пендаровски.
Признанието „Инженерски прстен“ го доделуваат Инженерската институција на Македонија и Комората на овластени архитекти и овластени инженери, под покровителство на Претседателот на Република Северна Македонија, чија цел е да се поттикне изучувањето на инженерството со што ќе се придонесе кон создавање на квалитетен инженерски подмладок.