Претседателот Стево Пендаровски и претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, на гробот на Гоце Делчев. 10 мај 2021. Фото: Кабинет на претседателот на РСМ

Во рамки на официјалната посета на претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, на Република Северна Македонија, таа заедно со претседателот Стево Пендаровски положија венци на гробот на Гоце Делчев во црквата „Свети Спас“ во Скопје.

По завршувањето на церемонијата, претседателот Пендаровски и претседателката Зурабишвили ја посетија спомен-собата на Гоце Делчев, каде им беше презентиран саркофагот со кој се пренесени моштите на Гоце Делчев од Софија.

Претходно, во претседателскиот кабинет, претседателот Стево Пендаровски на церемонија со највисоки државни и воени почести ја пречека претседателката на Грузија, Саломе Зурабишвили, по што се одржаа тет-а-тет средба и пленарен состанок на официјалните делегации, а беа потпишани Спогодба меѓу Република Северна Македонија и Грузија за укинување на визи и Меморандум за соработка во областа на културата меѓу Министерството за култура на Република Северна Македонија и Министерството за култура, спорт и млади на Грузија.