Спроведувањето на кредибилен попис е тест за нашата зрелост како држава, истакна претседателот Стево Пендаровски на средбата што Државниот завод за статистика ја организираше со градоначалниците на општините, а беше посветена на значењето и улогата на локалната самоуправа во процесот на подготовка и спроведување на пописот на населението, домаќинствата и становите во 2021 година.

„Пописот е исклучително важен за димензионирање на политиките, проектите и буџетите и на централно и на локално ниво. Од овие податоци зависи каква инфраструктура ни треба, колку градинки, училишта и болници му се реално потребни на секое населено место. Резултатите ќе влијаат и на коригирање на урбанистичките планови за да ги отсликуваат објективните потреби на резидентното население. Конечно, пописот ќе им помогне на институциите на централно и локално ниво подобро да си ја вршат својата функција во служба на сите граѓани,“ рече Пендаровски.

Тој додаде дека потребен ни е попис чии резултати нема да бидат оспорувани, а предуслов за тоа е да имаме политички консензус дека независно од резултатите, ничии права нема да бидат загрозени или одземани.

„Најголемиот предизвик при неговата имплементација може да биде само непотребната политизација која во јавноста се креира извесен период наназад. Ако постои една работа која што навистина треба да не исплаши од овој попис сите нас, тоа е бројката на иселени граѓани, бројката на млади луѓе кои засекогаш ја напуштиле државата во потрага по подобар живот за себе и за своите семејства. Тоа претставува една од најголемите закани за иднината на Република Северна Македонија,“ додаде Пендаровски.

Премиерот Зоран Заев истакна дека „за нешто повеќе од два месеци нашата земја ќе ја спроведе најважната статистичката операција – попис.“

„Пописот на граѓани, домаќинства и живеалишта е од клучно значење за секој сегмент од животот на граѓаните, а по него ќе може да се креираат мерки и политики кои одговараат на вистинските потреби на народот – економски, здравствени, образовни, социјални, културни, со што ќе се унапредат и нивните права и придобивки. Податоците од пописот се од огромно значење и за локалните власти. Тие се суштински кога станува збор за планирање на развојот на заедницата. Податоците од пописот ги откриваат и можностите на општините за развој на локалните пазари, туристичките потенцијали,“ рече Заев.

Тој додаде дека „повикот за бојкот, без разлика дали е лажно спакуван како повик за неучество или повик за минирање на најважната статистичка операција за земјата, е неодговорно однесување и отсуство на елементарна свест дека со неспроведувањето на пописот стануваме единствена земја којашто нема да може да планира каков било развој од економски, образовен, културен аспект.“

„Таквиот став е свесно туркање на земјата во провалија и закана дека ќе останеме црна дупка во светот како изолирана земја која што не поседува податоци за да може да ги испланира следните 5, 10, 50 или 100 години од сопствената иднина. Кому му одговара да имаме иднина планирана врз погрешни податоци стари повеќе од 20 години? Кому му одговара да имаме промашени планови за развој? Никој не сака таква земја за партнер. Ниту еден инвеститор нема да покаже интерес да инвестира кога ќе види дека земјата ги нема основните статистички податоци за нејзините ресурси за официјалната работна сила, за  пазарот, за потрошувачките навики,“ додаде Заев.

Министерот за правда Бојан Маричиќ ги повика сите политички партии да го поддржат и стимулираат попишувањето.

„Држава каде во креирањето на развојните политики ќе се користиме со ажурирани и издржани податоци, како што и ни доликува за една земја членка на НАТО и претендент за ЕУ членство,“ рече Маричиќ.