Пендаровски и Нуредини ќе учествуваат на климатскиот Лидерски самит во Глазгов

Фото: Министерство за животна средина и просторно планирање

На клучниот самит за климатски промени што ќе се одржи од 31 октомври до 12 ноември во Глазгов ќе учествуваат претседателот Стево Пендаровски и министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини. Тие ќе ги презентираат позициите на нашата земја на климатскиот Лидерски самит во Глазгов. Заеднички домаќини на 26-тата Конференција за климатски промени на Обединетите нации ќе бидат Обединетото Кралство и Италија.

На овој самит требаше да се усвојат поамбициозни планови за заштита на климата, при што се очекува владите да се обврзаат на намалување на емисијата на стакленички гасови. Настанот ќе собере илјадници делегати, вклучително и шефови на држави, експерти и активисти за заштита на животната средина, кои ќе разговараат за да ги координираат сите активности за борба против климатските промени.

Токму за климатската акција и одржливиот развој на Република Северна Македонија денеска разговараа министерот за животна средина и просторно планирање Насер Нуредини и претседателот на Стево Пендаровски.

Инаку, земјава се обврза на сериозна климатската заложба со ажурираниот Национално определен придонес кон Договорот од Париз, а истото беше потврдено и со штотуку усвоената Долгорочна Стратегија за климатска акција со акциски план.

Министерот Нуредини денеска го информираше претседателот Пендаровски за напредокот во исполнувањето на националната климатска агенда и ја истакна потребата за обезбедување на координацијата од страна на Министерството за животна средина и просторно планирање во спроведувањето на сите мерки и активности за митигација и адаптација кон климатските промени, но и планирањето на одржливи инвестиции.