Претседателот Стево Пендаровски, денеска ги потпиша указите за прогласување на Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање нов граничен премин меѓу двете земји кој ќе ги поврзува Мајден и Промахoи во Република Грција, и на Законот за ратификација на Спогодбата меѓу Република Северна Македонија и Република Грција за отворање на еден граничен премин во регионот на Преспанското Езеро, информираат од Кабинетот на претседателот.

„Пендаровски смета дека отворањето на граничниот премин Мајден – Промахои и граничниот премин Маркова нога – Лемос меѓу Република Северна Македонија и Република Грција, ќе придонесе за натамошен развој на севкупните билатерални односи меѓу двете држави, ќе придонесе за развој на прекуграничната соработка и ќе ја олесни комуникацијата на населението што живее во регионот на двата гранични премини. Претседателот Пендаровски очекува од надлежните институции да дадат максимален придонес за реализација на предвидените активности и за што поскоро отворање на двата гранични премини“, се вели во соопштението.