Претседателот Стево Пендаровски, министерот за надворешни работи Никола Димитров и министерката за одбрана Радмила Шекеринска ќе земат учество на Минхенската безбедносна конференција. На една од најголемите глобални конференции од областа на безбедноста и одбраната годинава ќе учествуваат над 500 претседатели, премиери, министри, претставници на бизнис и невладиниот сектор, како и академици. Настанот ќе се одржи од 14 до 16 февруари.
Пендаровски во недела ќе се обрати Kонференцијата, а претходно ќе говори и на тркалезната маса „Балкански дијалози“, на која е предвидено учество на Јосеп Борел Фонтелес, потпретседателот на Европската комисија и висок претставник за надворешни работи и безбедносна политика на ЕУ, Албин Курти, премиерот на Косово, Еди Рама, премиерот на Албанија, Александар Вучиќ, претседателот на Србија и Екатерина Захариева, вицепремиерка за правосудна реформа и министерка за надворешни работи на Бугарија.
Како што информираат од претседателскиот кабинет, предвидено е Пендаровски за време на Конференцијата да се сретне со дел од учесниците на собирот.
И министерот Димитров ќе учествува на повеќе сесии во рамките на конференцијата, а министерката Шекеринска ќе говори на панелот “Нарушување на перцепцијата за подобро лидерство”.
Во фокусот на годинешната Минхенска безбедносна конференција се улогата на Западот во глобалниот свет, актуелните состојби во Европа, Кина, Русија и САД, случувањата на Медитеранот, Блискиот Исток и Јужна Азија, како и прашања поврзани со корона вирусот и со климатските промени.