fbpx

Пендаровски: Дезинформациите поткопуваат некои од темелите на демократијата како систем

-

Kако конзументи на огромен број информации што брзо се појавуваат во нашето секојдневие, немаме ниту време, ниту можност да процениме дали содржината што ја читаме е проверена и точна или е можеби дезинформација која свесно или несвесно погрешно ја информира јавноста. Тоа поткопува некои од темелите на демократијата како систем, порача денеска претседателот Стево Пендаровски.

Тој говореше на завршната конференција на проектот „Информации против Дезинформации: Градење на отпорност кон дезинформациски практики во пост-ковид опкружување во Северна Македонија“, во организација на Евро-Атлантскиот Совет на Северна Македонија, поддржан од Секторот за јавна дипломатија на НАТО.

Шефот на државата нагласи дека според сите досегашни истражувања на темата, се потврдува дека дезинформациите најчесто не се наивни и случајни, туку се производ на еден планиран и организиран пристап кон одредена тема. Намерите, според претседателот Пендаровски, најчесто се на долг рок и систематски да се манипулира јавноста со пласирање на погрешни информации, полувистини, извртени факти, или комплетно фабрикувани вести, со крајна цел, да послужи на интересите и целите на одредени државни и недржавни ентитети кои имаат свои, специфични агенди.

„На глобално ниво, не само кај нас, таканаречената инфодемија ја заостри јавната дебата по ова прашање, ја намали ефективноста на мерките за справување со пандемијата, го зголеми колебањето на луѓето во однос на вакцинирањето и конечно, ја постави сцената за појавата на најневеројатни конспиративни теории на заговор, за биолошки војни кои треба да го намалат светското население, за наводно чипирање и контрола преку вакцините од страна на светски центри на моќ и многу други“, рече претседателот Пендаровски.

Како држава која неодамна стана членка на НАТО и очекува да почне преговори за членство во Европската Унија, рече претседателот Пендаровски, во време на пандемија се справувавме и со организирана кампања за дезинформирање која имаше за цел да го сврти јавното мислење наспроти евроатлантските организации со интензивна употреба на квази аргументи дека тие организации наводно не ѝ помагаат на Северна Македонија во време на пандемијата.

Според претседателот, зајакнувањето на отпорноста кон дезинформациите е комплексна задача, затоа што, како што оцени, треба да изградиме системска, но и лична отпорност кон нив. Тоа, според претседателот, можеме да го постигнеме само преку блиска соработка меѓу државните институции, образованието, граѓанските организации и медиумите.

Претседателот Пендаровски посочи и на потребата за подобри услови за професионално и независно работење на медиумите што подразбира примена на најдобрите европски практики во областа. Исто така, според претседателот Пендаровски, потребно е поддршка и за саморегулаторните механизми во медиумската сфера, и особено, на платформите за проверка на фактите.

„Колку повеќе ги сузбиваме дезинформациите, толку повеќе придонесуваме за објективна дебата за сите прашања, и со тоа, ја јакнеме демократијата како политички систем кој е во најдобар интерес на нашите граѓани“, рече претседателот Пендаровски во обраќањето.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Со предност од над 140.000 гласови, Силјановска во втор круг оди со Пендаровски

За разлика од претседателските избори во 2019, кога разликата во гласовите меѓу Стево Пендаровски и Гордана Силјановска Давкова изнесуваше околу 4.000 гласови, на денешниот прв круг од претседателските избори,...