Претседателот на државата, Стево Пендаровски на обраќањето по повод Денот на Армијата / Фото: Фејсбук страна на Стево Пендаровски

По повод денот на Армијата и прославата на 28-от роденден на Армијата на Република Северна Македонија свое обраќање имаа претседателот Стево Пендаровски и началникот на Генералштабот, Васко Ѓурчиновски, а на прославата присуствуваа премиерот Оливер Спасовски, како и други високи гости од одбраната и дипломатијата.

Претседателот на државата и врховен командант на Вооружените сили, Стево Пендаровски во своето обраќање истакна дека од март оваа година нашата униформа и име се нераскинлив дел од глобалната алијанса НАТО, организација на демократски и просперитетни држави, чие членство е резултат на волјата на големо мнозинство наши граѓани, како и на залагањата на повеќе парламентарни состави и влади во изминатите три децении.

„Полноправното членство во НАТО немаше да биде возможно без напорите во континуитет и професионалниот однос на сите припадници на Армијата, без луѓето кои секогаш се главната динамична сила на интегративниот процес. Нашето членство е резултат на темелните одбранбени реформи, личната посветеност на храбрите жени и мажи во нашите вооружени сили, и нивното учество во ризичните мировни мисии низ светот“, потенцираше претседателот Пендаровски.

Заменичката на претседателот на Владата и министерка за одбрана, Радмила Шекеринска во своето обраќање изрази гордост и задоволство што денес стои пред Армија на земја членка на НАТО.

„Долг пат поминавме заедно од минатата година до сега. Што би се рекло цел живот за една година. Го поместивме ѕидот што ни стоеше на влезот во НАТО. Триесет години надеж и исчекување ги претворивме во резултат. Станавме 30-та членка на Алијансата. На најмоќниот воено-политички сојуз на денешницата. Се опкруживме со сојузници како САД, Велика Британија, Германија, Турција, Франција, Норвешка. Но, најважното од сè е што со кревањето на нашето државно знаме на јарболот на НАТО, ги кренавме гордо главите на сите наши граѓани. За првпат во историјата на нашата татковина остваривме успех кој ја помести нашата држава напред и ги отвори перспективите“, потенцираше министерката Шекеринска.

На прославата, премиерот Спасовски истакна дека оваа година, 18-ти август, Денот на Армијата на Република Северна Македонија, синонимот и чуварот на македонскиот суверенитет и државност, го славиме и како НАТО армија која е рамноправен член и дел од најмоќниот воено-безбедносен сојуз на светот.

„Членството во НАТО е резултат и заслуга на сите граѓани и на нивните политички претставници кои континуирано во изминатите три децении ѝ даваа поддршка на исполнувањето на оваа наша стратешка определба. Голем придонес дадоа сите денешни и поранешни припадници на Армијата. Членството дојде со тридецениската посветеност и со максимално вложениот труд за да се исполнат и одржуваат високите стандарди на алијансата за да можеме достоинствено да го гледаме издигањето на македонското знаме покрај знамињата на најмоќните 29 земји членки на алијансата и да бидеме горди затоа што припадниците на нашата Армија се посакуван партнер во мисиите на НАТО“, изјави Спасовски.

Исто така, денеска, на централната свеченост по повод одбележувањето на Денот на Армијата, Претседателот на Република Северна Македонија и Врховен командант на вооружените сили, Стево Пендаровски со Орден за воени заслуги ги одликува Канцеларијата за соработка во одбраната на Соединетите Американски Држави, Баталјонот за воена медицинска поддршка од логистичката база и Третиот пешадиски баталјон од Првата пешадиска бригада од командата за операции при Армијата на Република Северна Македонија.

Денот на Армијата го честитаа и лидерите на партиите СДСМ, Зоран Заев и Христијан Мицковски од ВМРО-ДПМНЕ.