fbpx

Пендаровски: Блокадата од Бугарија нема да нè дестабилизира, но можни се облици на авторитарно владеење

-

Нашите граѓани можат да бидат спокојни, блокадата на Бугарија за почетотот на преговорите со ЕУ нема да има безбедносна дестабилизација на земјава, независно од бројот на нон-пејпери коишто некои упорно ги лиферуваат, е пораката на претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците во Собранието на РСМ.

„Искуството по НАТО самитот во Букурешт 2008-та нè учи дека е можно демократско назадување и облици на авторитарно и популистичко владеење на поединец, група или партија. Но, одговорноста за таков евентуален развој на настаните нема да лежи кај нашите граѓани, туку кај нас – политичарите“, рече претседателот Пендаровски.

Ако цената на европските интеграции значи откажување од нашиот идентитет, не гледам политичар кај нас кој ќе сака да го продаде својот народ за такви европски интеграции, додаде претседателот Стево Пендаровски во годишното обраќање пред пратениците.

ЕУ е најдобрата опција за нас, но патот кон Унијата е неправедно блокиран. Ако цената на евроинтеграциите е нашиот идентитет, тогаш нема политичар што тоа може да го прифати, порача тој.

Претседателот Стево Пендаровски во однос на регионот на Западен Балкан рече дека безбедносната ја потиснува во втор план интеграциската реторика и агенда, идентично како во раните деведесетти години на минатиот век.

„Иако е јасно дека не постои потенцијал за нови војни, во отсуство на политичка поддршка и ресурси за таков развој на настаните, очигледно е дека политиката на преферирана стабилократија и на статус кво доживува неуспех. Тоа беше конечно препознаено и од клучните субјекти на западната алијанса – Соединетите Американски Држави, Европската Унија и Обединетото Кралство кои назначија специјални пратеници за Западниот Балкан што се нема случено никогаш во исто време, ниту во деведесетите години од минатиот век“, изјави Пендаровски.

Пендаровски рече дека следната голема реформа во одбраната треба да биде соочувањето со сајбер заканите и дезинформациите. Безбедносен предизвик може да бидат и големите инвестиции во инфраструктурни проекти, рече тој.

„Државата има обврска сите најави за големи странски вложувања да ги проверува и од безбедносен и од стратешки аспект, независно колку тие изгледаат економски атрактивно на прв поглед“, изјави Пендаровски.

Во однос на дезинформациите, Пендаровски истакна дека ковид-19 пандемијата покажала колкава може да биде моќта на дезинформациите врз јавното мислење. Наспроти сите егзактни статистички показатели кои докажуваат дека помошта во медицинска опрема и вакцини од ЕУ и на билатерална основа од десетина членки на западната алијанса е убедливо најголема, генералната перцепција меѓу граѓаните е дека Западниот Балкан беше заборавен од нашите сојузници.

„Верувам дека наш национален интерес е, час поскоро, на системски начин, да почнеме да ја унапредуваме медиумската писменост на граѓаните, особено на младите во основните и средните училишта. Тие дигитални генерации се деца на глобализацијата, пораснати се на интернет, и за да не станат први жртви на дезинформациите треба да знаат самите да ги препознаваат. Во спротивно, самопрогласените пророци на социјалните мрежи ќе ја добијат битката со најголемите светски умови и ќе натераат многу наши граѓани да веруваат во конспиративните теории, наместо во науката и здравиот разум“, порача Пендаровски.

Претседателот Стево Пендаровски рече дека повлекувањето на премиерот Зоран Заев е чин што треба да се поздрави, бидејќи факт е дека тој се повлекува кога неговата партија е на власт, а тоа е дијаметрално спротивна позиција од 2017 година, кога не можеше да се изведе мирна транзиција на власта при оформено парламентарно мнозинство.

„Независно од индивидуалните ставови на граѓаните за политиките на премиерот во заминување, на јавноста впрочем ѝ се познати неколку несогласувања и меѓу нас по некои прашања, тоа е неспорно чин што треба да се поздрави затоа што не се случува често во новите демократии“, рече Пендаровски, оквалификувајќи ги настаните на 27 април 2017 година како најголемиот срам за македонската демократија во историјата.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Промоција на винил компилација „Поп култура“, во чест на Мирко Попов

Вечерва ќе се одржи промоција на винил компилацијата „Поп култура“ во едукативниот културен центар „Лабораториум“, во рамките на платформата „Силата ЕУ Младите“. Изданието содржи песни од млади современи македонски поп...