Плодното пелагониско поле е под вода, Црна Река го достигна нивото од 4,70 метри. Онаму каде коритото на реката не е исчистено со децении, таа се прелева и прави големи штети.
По обилните врнежи од дожд во битолскиот дел на Пелагонија, каде паднаа и до 50 литри на еден квадратен метар, поплавени се повеќе од 3.000 хектари плодно земјиште.
Водата влезе во фармите, а стаса и до првите куќи во селото Вашарејца.
Од неколку села стоката се преместува на посигурни локации. Најкритична е состојбата во општина Могила, каде и минатата недела се излеа десеттиот канал. Сега попушти и деветиот канал, а Црна се излеа на неколу места.
– Се излеа реката Црна на неколку места каде што беа ставени вреќи со песок и беа правени насипи, водата сè однесе. Ситуациајта е крајно загрижувачка. Во селата Вашарејца, Новоселани, Ношпал и Прибилци населението е на нозе бидејќи водата се заканува не само на шталите, туку и на првите куќи покрај Црна – вели Димче Јошевски, раководител на Дирекцијата за заштита и спасување во Битола.
Нивото на Црна се зголемува од час во час и тоа за повеќе од десет сантиметри. Ситуацијата е алармантна и во новачкиот дел, предупредуваат локалните власти.
– Ситуацијата во Пелагонија, која е под нашата општина, е загрижувачка, особено селата Гнеотино, Добромири, Агларци и Долгобевци, каде веќе ставивме насипи и тампонажа. Секој час се следи нивото на Црна и тоа е сè повисоко, бидејќи и дождот не престанува. Добро е што имаме механизација и дејствуваме навремено – вели Лазар Котевски, градоначалникот на општина Новаци.
А.Б.