fbpx

Пекарите со уцена: Ќе престанеле да произведуваат леб ако се замрзне неговата цена

Индексот на трошоците на животот за само еден месец кај лебот и житата во јануари 2023 година бил зголемен за 0,5 отсто во споредба со декември 2022 година

-

Пекарската индустрија со уцена до владата откако министерот за економија Крешник Бектеши во саботата најави дека владата утре ќе донесе одлука за замрзнување на цената на белиот и полубелиот леб на 33 денари. По денешниот состанок на компаниите од пекарската индустрија во Стопанската комора на Македонија тие се заканија дека ќе престанат со производството на леб, доколку стапи на сила мерката за замрзнување на неговата цена.

„Домашните пекари и производители на леб се со став дека, по воведувањето на мерката за повластена цена на електричната енергија за прехранбената индустрија, сите компании ги намалија цените на овој производ, дури и повеќе отколку што таа процентуално учествува во конечната цена, а таквата мерка даде позитивен ефект“, стои во соопштението на Стопанската комора.

Од пекарската индустрија велат дека со нејзиното носење се сопре зголемувањето на цената на лебот, а таа подоцна и се намали во согласност со ветувањето од производителите.

„Доколку Владата на РСМ ја донесе мерката која ја најавува изминатите денови – укинување на повластената тарифа за електрична енергија за домашните пекари и, пред сѐ, замрзнување на цената на белиот и на полубелиот леб – од истиот момент компаниите ќе ја стопираат својата работа, односно нема да произведуваат леб“, предупредуваат пекарите.

Како една од мерките што ги користела оваа индустрија и порано, а која пекарите ја бараат и сега, е враќањето на евтината струја во ноќните часови, кога сите пекари работат, со што истовремено ќе се растовари и мрежата за дистрибуција на електрична енергија.

Ваквата уцена од пекарската индустрија доаѓа откако министерот за економија Крешник Бектеши во саботата изјави дека владата во вторник ќе донесе одлука за замрзнување на цената на лебот, по што белиот и полубелиот леб нема да смее да се продава по цена од над 33 денари. Бектеши најави дека ќе следат и нови одлуки за замрзнување на цените.

Што велат податоците за цената на лебот од Државен завод за статистика?

Наспроти денешните тврдења на пекарската индустрија, официјалните податоци од Државниот завод за статистика за јануари 2023 година покажуваат зголемување на цените на лебот и житата во споредба со декември 2022 година. Индексот на трошоците на животот за само еден месец кај лебот и житата во првиот месец годинава бил зголемен за 0,5 отсто во споредба со декември 2022 година.

Исто така, зголемувањето на цената на лебот и житата е драстична, ако се направи споредба помеѓу јануари 2023 година и истиот месец лани. Индексот на трошоците на живот во овој случај бележи зголемување од фантастични 39,1 отсто кај лебот и житата, се наведува во месечното соопштение за Индексите на трошоците на животот и цените на мало во јануари 2023 година на Државен завод за статистика. 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...