Од оџаците на кочанската фабрика „Пејпар Мил“, повторно излегува чад и се чувствува мирис во околината, откако по инсталацијата на нова опрема бил оштетен филтерот. Ова го констатирал Државниот инспекторат за животна средина на вонреден надзор кој бил направен по барање на жителите на Кочани. На фабриката, инспекторите ѝ наложиле во рок од еден месец да заврши со набавка на потребните делови за да се спречи загадувањето и да го поправи целиот систем. Во меѓувреме ќе функционира водениот филтер, а за добивање енергија се користи биомаса и плин.

„Државниот инспекторат за животна средина спроведе вонреден инспекциски надзор во ‘Пејпар Мил’, за да утврди зошто има видлив чад и повремен мирис од согорувањето на пелети од котелот, на што од неодамна се жалат граѓани што живеат во близина на фабриката. Во текот на надзорот се извршија и мерења на емисиите на прашина и штетни гасови од страна на акредитирана лабораторија, ангажирана од страна на Инспекторатот. Со надзорот се утврди дека при вградувањето на новата опрема за автоматизација на системот за пречистување и одведување на отпадните гасови се оштетени делови од вреќастиот филтер“, информираат од Државниот инспекторат.

Фабриката за рециклирање на хартија веќе подолго време е под мониторинг на инспекторите за животна средина. Лани, жителите на градот ја посочуваа како причинител на огромни емисии на прашина во воздухот, а беа организирани и протести. Државниот инспекторат тогаш утврди дека фабриката ги надминала граничните вредности за емисии со резултати направени во акредитирани лаборатории во ноември и декември лани, откако информираше дека фабриката претходно приложува мерења од лабораторија која не е акредитирана според македонските закони. Во меѓувреме капацитетот му беше наложено да постави нов филтер доколку сака да продолжи да го користи котелот на пелети. „Пејпар мил“, по ова решение во јануари, времено стави клуч на врата, а беше рестартирана, откако во март ја заврши инвестицијата во нов вреќаст филтер.

Како резултат на тоа, велат од Државниот инспекторат, пред последното влошување на состојбите со емисиите од оџакот, емисиите на прашина, со помош на вреќастиот филтер, биле во обем од 8 mg/m3, што е далеку под дозволената гранична вредност.

„Инспекторатот даде рок од еден месец емисиите да се доведат во овие рамки. Во овој период, „Пејпар Мил“ е задолжена да заврши со набавка на потребните делови за да се спречи загадувањето и поправка на целиот систем, вклучително и на новата автоматика за пречистување и одведување на гасовите. Во меѓувреме функционира водениот филтер (скрубер), а за добивање енергија се користи биомаса и плин. Доколку со извршените мерења се утврдат надминувања на граничните вредности утврдени со дозволата, Инспекторатот ќе превземе дополнителни мерки“, посочуваат од Инспекторатот.

Во април, при рестартирањето „Пејпар мил“ го обои и каналот со отпадна вода која што содржела органски материи со остатоци од целулозни влакна. Каналот се влева во Оризарска река, која пак заедно со водите од хидроакумулациите Калиманци и Гратче, се користи за наводнување на дел од оризовите полиња. Државниот инспекторат за животна средина и тогаш правеше контрола во фабриката и наложи да ангажира акредитирана лаборатотија која ќе изврши мерења на составот на отпадната вода, да прави таложење и да има постојана контрола врз испуштањето на водата.