Павиќевиќ: Дојавите за бомби го нарушуваат менталното здравје на учениците

Лука Павиќевиќ / Фото: Фејсбук страница на Сојузот на средношколци

Mенталното здравје кај учениците веќе е нарушено затоа што дојавите на бомби создаваат тензија, вели за „Слободен печат“ Лука Павиќевиќ, претседателот на Сојузот на средношколци. Тој упати апел до надлежните институции што е можно побрзо да го најдат сторителот кој стои зад овие пријави, без оглед дали истиот е од Македонија или странство.

„Покрај учениците, морам да потенцирам дека и професорите се оптоварени со ваквите настани. Знаете, самата помисла дека во вашето училиште има поставено бомба е премногу страшна. Затоа, анализирајќи ги геополитичките околности, мора да сфатиме дека темата е доста сериозна“, рече тој.

Осум пати досега скопски училишта добија лажни дојави за поставена бомба. Министерот за внатрешни работи Оливер Спасовски кажа дека целта на лажните закани за бомби е да се предизвика дестабилизација и несигурност.