Паузирана платената верификација на Твитер по појавата на бројни измамнички профили

фото: Brett Jordan на Unsplash

Премиум услугата на Твитер наречена „Blue“, со која се доделуваа сини беџови за потврда на идентитетот на секој што е спремен да плати 8 долари месечно, стана недостапна во петокот откако платформата беше преплавена од голем број измамнички профили одобрени од Твитер.

Гардијан пишува дека последниот потег претставува хаотичен почеток за новата претплатничка услуга, која беше една од првите големи промени што ги направи Илон Маск откако ја презеде компанијата. Пред неговото купување, синиот беџ им беше доделуван на познати личности и новинари за да се потврди нивниот идентитет на платформата, токму заради спречување на лажни претставувања.

Новата услуга за брзо време стана жртва на измамници откако корисниците почнаа да им прават пародии на голем број познати личности, меѓу кои и папата Франциск, поранешниот американски претседател Џорџ Буш и бројни спортски фигури.

Имитирани биле и сметките на Епл и Нинтендо, како и оние на Тесла и СпејсЕкс, компании кои исто така се во сопственост на Маск.

Би-би-си јавува дека во еден случај била создадена сметка во име на републиканскиот кандидат за гувернер на Аризона, Кари Лејк, при што била споделена објава во која се вели дека таа му ја препушта победата на нејзиниот демократски противник, и покрај тоа што гласовите сè уште се броеле. На Твитер му требале часови за да ги отстрани објавата и лажниот профил.