fbpx

Пациентите два месеци се без лекот „синтром 4“ и ќе треба да се стрпат до февруари

-

Повеќе од два месеци, пациенти од Македонија што го користат лекот „синтром 4“ од канадската компанија „Мерус лабс“ не можат да го набават поради тоа што не е увезен. Според последните информации, лекот ќе го нема до наредната година, а оптимистичките прогнози велат дека треба да се појави во февруари.

– Со денови одам по аптеки и барам „синтром 4“. Имам тромбоза и го пијам по шема така што не смеам да прескокнам ниту една доза. Во аптеките има од овој лек, но само од „Реплек“ и од „Јака Радовиш“, ама докторите сугерираат задолжително да е „синтром 4“. Ако ја пропуштам дозата, морам да одам на лекар да ми ја проверат крвта, па таму да ми кажат што понатаму треба да правам – ни изјави пациентка од Скопје.

Од Бирото за лекови за „Мета“ тврдат дека проблемот не е до нив, туку до увозникот кој треба да го увезе кога веќе ќе нема резерви.

Директорката на Бирото за лекови, Марија Дарковска, вели дека пред еден месец потпишала решение за увоз на 5.000 кутии од овој лек.

– Јас лично го потпишав решението за увоз на овој лек. Не знам зошто го нема. Сега сум во странство, ќе ја бранам докторската теза и не можам да се посветам на други прашања, затоа што ова за мене е најбитно – ни изјави Дарковска во телефонскиот разговор.

Таа посочува дека проблемот можеби е во тоа што овој лек повеќе не е на „Новартис“ туку го купил друг производител, со што скопското претставништво на швајцарската компанија ги нема расчистено односите за пренос на правата со новиот увозник „Европа лек“. Имено, од февруари годинава лекот „синтром 4“, кој беше производ на швајцарската компанија „Новартис“ (NOVARTIS Pharma Services inc.), го купи канадската фирма „Мерус лабс“. Претходно лекот го увезуваше македонското претставништво на оваа фирма.

Од „Европа лек“, која сега е увозник на лекот „синтром 4“, велат дека од Бирото за лекови побарале дозвола за увоз на 25.000 кутии, но Комисијата за одобрување им дозволила и им дала решение за само 5.000 пакетчиња.

– Ние побаравме повеќе, но Бирото за лекови ни одобри само 5.000 кутии. Од фирмата што го произведува лекот ни рекоа дека неисплатливо им е да ни произведат само толку парчиња и ни побараа повеќе. Сега испративме ново барање до Бирото и чекаме одобрување за да можеме да увеземе – вели Моника Наумовска, раководител на регулатива во „Европа лек“.

Сепак, таа вели дека лекот ќе го нема оваа година затоа што количествата со англиско упатство повеќе ги нема, а за компанијата да испечати парчиња на македонски јазик потребно ѝ е време.

– Годинава најверојатно ќе заврши без овој лек. Се надеваме дека, доколку Бирото за лекови побрза со решението, „синтром 4“ ќе го има во аптеките во февруари следната година – нè информираше Наумовска.

Низ скопските аптеки и во сите поголеми фармацевтски продажни места („Зегин“, „Еурофарм“ и „Виола“) овој лек го нема повеќе од два месеци.

Од дистрибутерот, пак, „Феникс фарм“, велат дека лекот го имало само уште во една аптека во Скопје, но по проверката се утврди дека и таму е потрошен и веќе го нема. Иста е состојбата и во другите аптеки низ Македонија.

„Синтром 4“ или „аценокумарол“ припаѓа на групата лекови кои се нарекуваат антикоагуланти (лекови што ја разретчуваат крвта). „Аценокумарол“ се употребува за лекување и за спречување формирање крвни згрутчувања (тромбови), кои ги блокираат крвните садови, на пример, при длабока венска тромбоза. Овој лек го пијат пациенти со срцеви проблеми (операции, аритмии), пациенти со прележани мозочни и срцеви удари и со тромбози.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

За три години нема ниту една пресуда за предизвикување шумски пожар

Никој во последниве години не одговарал и не бил осуден за кривичното дело „предизвикување шумски пожар“. Мета.мк ги побара податоците од Кривичниот суд за тоа колку пресуди биле донесени...