Интензивно се работи на реконструкција на патот од Тетово – Попова Шапка, а се очекува до крајот на септември оваа делница долга 18,2 километри да биде целосно реконструирана.

Ова беше истакнато од министерот за економија Крешник Бектеши кој заедно со министерот за транспорт и врски Горан Сугарески, директорот на Јавното претпријатие за државни патишта, Зоран Китанов и градоначалничката на Општина Тетово, Теута Арифи денеска направија увид во изградбата на овој пат кој води до зимскиот центар Попова Шапка.

Како што истакна министерот Бектеши овој патен правец е исклучително важен, не само за локалното население во Тетово, туку и за сите туристи кои што ќе сакаат да ја посетат Попова Шапка. Бектеши информираше дека Владата е во тесна соработка со локалните власти за да се изнајде решение и за внатрешната инфраструктура на ски -центарот Попова Шапка.

„По завршувањето на реконструкцијата на главниот пат кој го поврзува Тетово со Попова Шапка  во директна соработка со Општина Тетово ќе започнеме со реконструкција и на локалните улици во Попова Шапка,“ истакна Бектеши.

Министерот информираше дека жичарницата на Попова Шапка е во завршна фаза и во моментов вработени „ЕЛЕМ Турс“ се обучуваат за да се стави во функција. Во однос на иднината на зимскиот центар Попова Шапка во чии рамки е ски – центарот „Попова Шапка”, како и хотелите  „Славија” и „Попова Шапка“ Бектеши додаде дека во моментов се изготвуваат длабинска анализа и физибилити студија од страна на компанијата „Прајсвотерхаус Куперс“ кои треба да покажат која е економската оправданост за инвестиции во иднина.

„До 20 октомври ЕЛЕМ Турс треба да ја добие анализата „Прајсвотерхаус Куперс“ која се однесува на моделот на трансформација и ние како Влада ќе одлучиме на кој начин во иднина ќе ја развиваме Попова Шапка. Може да се даде под концесија, може да се даде на јавно-приватно партнерство, но ние неможеме да донесеме одлука пред да имаме готова анализа за економската оправданост“, потенцираше Бектеши.