Градежните активности на делницата Гостивар-Букојчани се одвиваат интензивно и покрај тоа што станува збор за сложен планински терен со бројни косини, изјави денеска директорот на Јавното претпријатие за државни патишта Koце Трајановски, при посетата на инфраструктурните проекти што се реализираат на западниот дел на Коридор 8.

Тој посочи дека во моментов има услови за работа на околу 11 километри од вкупно 31 километар од трасата, а за преостанатиот дел веќе е усвоен урбанистичкиот план, изработени се елаборатите за експропријација и доставени до надлежните институции, со цел да се обезбеди дополнителен фронт за работа.

Министерот за транспорт и врски, Александар Николовски, на новинарско прашање за најголемите предизвици при изградбата на делниците Тетово-Гостивар и Гостивар-Букојчани, посочи дека меѓу најсложена е дислокацијата на оптичките водови и далекуводите, при што е потребна особена внимателност за да не дојде до прекин во телекомуникациските и електроенергетските услуги.

Како дополнителен проблем беше посочен и заштитата на локалното население кое живее од двете страни на трасата Тетово–Гостивар и тоа бара внимателно планирање на инфраструктурните решенија.

Во однос на роковите и парите, Николовски рече дека засега не очекува нов анекс-договор во делот на цената, но нагласи дека продолжување на роковите е неизбежно бидејќи, како што вели тој, предходните власти навреме не ги завршиле обврските. Се очекува дека до 2029 година инфраструктурните проекти треба да завршат, а најпрво во употреба ќе биде пуштена едната лента од делницата Прилеп-Битола.

„Очекувам дека идната лента од Прилеп-Битола, во првата половина од следната година ќе биде целосно пуштена. Кај Гостивар-Букојчани, автопатот мора да се пушти цел, а рокот за завршување е 2029 година“, изјави тој.

Премиерот Христијан Мицкоски изјави дека коридорите 8 и 10 се стратешки приоритет за државата од повеќе аспекти.

„Очекувам многу скоро да го пуштиме автопатот Кичево-Охрид, но и гасоводот со Грција, кој треба да биде пуштен во првата половина на слената година“, изјави тој.

Како новина, премиерот соопшти дека Владата во текот на оваа недела ќе ја започне тендерската постапка за изградба на гасоводната врска со Србија, откако, како што рече, биле обезбедени сите неопходни дозволи и мислења за проектот.