Патник без искуство слета авион откако пилотот се онесвестил

фото: Greg Rosenke на Unsplash

Патник без никакво искуство во летање успешно слетал авион во Флорида, САД, откако пилотот се онесвестил, пишува „Би-би-си“.

Во објавено аудио од летот, се слуша како патникот Дарен Харисон ѝ соопштува на контролата за летање дека во авионот се одвива „сериозна ситуација“.

Контролорот за летање Роберт Морган, кој обучувал нови пилоти, му помогнал на Харисон да го слета авионот на меѓународниот аеродром во Палм Бич.

„Имам сериозна ситуација овде. Мојот пилот се онесвести. Воопшто не знам како да летам авион“, вели патникот Харисон во објавеното аудио.

Инструкторот за летање со повеќе од 20 години искуство во контролата на летање никогаш не летал со конкретниот модел на авионот со еден мотор, но ја користел мапата на пилотската кабина на авионот за да му даде инструкции на неискусниот пилот.

„Знаев дека авионот лета како и секој друг авион. Знаев само дека морам да го задржам смирен, да му укажам на пистата и да му кажам како да ја намали моќноста за да може да се спушти и да слета“, изјавил Морган, а пренесува „Би-би-си“.

По успешното слетување, патникот и контролорот што му давал инструкции се прегрнале на пистата на аеродромот Палм Бич.

Пилотот се лекува во болница, додека причините што ја предизвикале неговата здравствена состојба не се откриени. Федералната управа за авијација на САД го истражува случајот.