Железници на РСМ – Транспорт догодина ќе добие 430 милиони денари за покривање на загубите од патничкиот железнички сообраќај во 2020 година, но ваквите субвенции нема да бидат единствените што ќе ги добијат за редовно сообраќање на патничките возови. Од Министерството за транспорт и врски за „Мета.мк“ потенцираат дека со секој ребаланс на државниот буџет на железничкото претпријатие им се алоцираат дополнителни средства до крајот на годината за покривање на остварените загуби.

– Овие средства им се алоцираат исклучиво за загубите што се генерираат во патничкиот сообраќај, додека во товарниот сообраќај претпријатието работи согласно пазарните услови – посочуваат од Министерството за транспорт и врски.

Ваквото објаснување од надлежното министерство доаѓа по Ревизорскиот извештај на нивната сметка направен од ДЗР, во кој се наведува дека државните субвенции за 2018 година биле недоволни за покривање на трошоците во патничкиот железнички сообраќај.

„Ревизијата обрнува внимание дека со нецелосно субвенционирање на трошоците од патнички сообраќај како услуга од јавен интерес за кои не се обезбедени приходи од превозникот во државна сопственост се доведува во прашање обезбедувањето на квалитетна услуга од јавен интерес – превоз во железничкиот сообраќај“, се вели во извештајот на ДЗР.

Како последица на недоволните средства, Железници на РСМ – Транспорт во континуитет го крати бројот на патнички возови што сообраќаат низ земјава. Новиот возен ред за 2020 година ќе стапи на сила на 15 декември, а информациите велат дека во него се впишани два воза помалку во споредба со актуелниот возен ред. Експресниот воз Скопје – Битола – Скопје е целосно избришан од возниот ред, бидејќи нема доволно исправни моторни гарнитури за одржување на оваа релација. Дополнително, укинат е и еден пар возови на релација Скопје – Велес – Скопје.

Дополнителните кратења на возниот ред ќе ја влошат и онака лошата состојба со малиот број на возови што сообраќаат за граѓаните. Надлежното министерство дава годишни субвенции за реализација на јавната патничка услуга како услуга од јавен интерес. Во реалноста пак, меѓу Скопје и Кичево, како и Скопје – Кочани, дневно сообраќаат по еден пар возови дневно, и тоа во попладневните часови. Па така, жителите на главниот град не можат да го искористат возот како превозно средство за да завршат некоја обврска и да се вратат назад во текот на еден ден.

Само два воза дневно сообраќаат и кон Гевгелија, додека кон Битола има по три воза дневно. Наспроти ова, во патниот превоз има по десетици автобуси што сообраќаат дневно на овие дестинации. Дополнително, меѓународен железнички превоз кон Солун и Белград е планирано и догодина да биде воспоставен единствено во текот на летните месеци.