Авион на „Американ Ерлајнс“ синоќа се судрил со воен хеликоптер додека се приближувал до аеродромот Реган Вашингтон во САД, по што се урнал во река, потврди федералната управа за авијација, а пренесе Гардијан.
Од реката Потомак во Вашингтон досега се извлечени деветнаесет тела.
Авионот „Бомбардиер ЦРЈ700“ пренесувал 60 патници и четворица членови на екипажот, а се судрил со хеликоптер „Блек Хок“ во кој имало тројца војници. Во хеликоптерот немало високи армиски службеници, пишуваат медиумите.
Урнатиот авион тргнал од Вичита, Канзас. Сите полетувања и слетувања на Реган Вашингтон се стопирани додека во тек е спасувачка акција во која се вклучени десетици пожарникари. Досега не е пронајден ниту еден преживеан.
Американскиот претседател Доналд Трамп рече дека бил информиран за страшната несреќа и ја пофали спасувачката акција на службите за итни случаи.
Идентитетот на лицата во урнатиот авион и хеликоптерот сè уште не е официјално објавен.