Дваесет и седум лица преживеале од вкупно 62 патници и пет членови на екипажот, во авионска несреќа што се случи денека близу градот Актау во Казахстан, пренесува „Гардијан“.
Патничкиот авион на „Азербејџан ерлајнс“ бил на пат од Баку за Грозни во руска Чеченија, но наводно бил пренасочен поради магла. Според казахстанските власти, преживеаните, меѓу кои има и три деца, биле згрижени во блиската болница.
Како што пренесува „Гардијан“, според снимка од несреќата, авионот се запалил додека удирал во земјата и потоа се гледа како се крева густ црн чад. Повеќе од 50 спасувачи дошле на местото на несреќата и успеале да го изгаснат пожарот на местото на несреќата.
„Авион на релација Баку-Грозни се урна во близина на градот Актау. Припаѓа на Азербејџан ерлајнс“, соопшти Министерството за транспорт на Казахстан на „Teлеграм“.
Казахстанското Министерство за транспорт соопшти дека во авионот имало 62 патници и пет членови на екипажот. Руските новински агенции јавија дека авионот летал од Баку за Грозни во Чеченија, но бил пренасочен поради маглата во Грозни.
Властите во Казахстан рекоа дека почнале да истражуваат што се случило, а можна причина за несреќата е технички проблем.