Јавното претпријатие „Путеви Србије“ соопшти дека патарините во Србија од денеска ќе поскапат за 12 отсто. Како што се наведува во објавеното соопштение, возачите на автомобили во иднина ќе треба да одвојат 1.500 динари (775 денари) за патување во еден правец меѓу Прешево и Белград или 600 динари (310 денари) за релацијата Прешево – Ниш.

Возачите кои од нашата земја ќе патуваат низ Србија, во правец кон Унгарија, за еден правец ќе треба да издвојат 2.130 динари (1.100 денари) за патарина. Овој надоместок за граѓаните што планираат со својот автомобил да патуваат кон Хрватска ќе чини 1.910 динари (987 денари), и тоа за сите наплатни рампи на автопатот од Прешево до Шид.

Српската влада уште на почетокот на јуни ја донесе одлуката за поскапување на патарините во оваа земја. Најновото зголемување на овој надоместок за 12 отсто е второ поскапување на патарините во Србија во изминативе две години.