По координативната средба со претседателите на политичките партии околу состојбата со корона вирусот, премиерот Оливер Спасовски на прес-конференција рече дека од партиите побарал да искажат одговорност и дека сите се согласиле дека е најважно здравјето на граѓаните. Премиерот соопшти дека не се случило тоа што се очекуваше – да се разговара за одложување на изборите поради ситуацијата со вирусот. Партиските лидери пак порачаа дека предизборните активности ќе ги реализираат преку медиумите, на социјалните мрежи и на интернет.

– Јас и Филипче информиравме за превземените мерки и активности и за можен иден развој на настаните. За мене е задоволство што се обедини заеднички став, дека е најважно здравјето на граѓаните. Нема поважна работа од тоа. Во таа насока, побарав согласнот сите да покажат одговорност. На дело да дојде личната одговорност за заедницата и јавното здравје. Се согласивме сите, вклучително и политичките паритии дека мерките се за доброто на сите граѓани, за побрзо и ефикасно справување со состојбата. Важно е сите политички партии да покажат одговорност и да ги следат препораките на институциите и кампањата за изборите да ја прилагодат на основа на тоа што е препорачано од институциите – рече Спасовски.

Тој рече дека на седница на владата ќе се разгледува предлогот за забрана на сите јавни и приватни собири и кафетериите да работат скратено и со намален број на гости и откажување на културни и други настани.

По средбата на лидерите на политичките партии, претседателот на СДСМ, Зоран Заев рече дека Социјалдемократскиот сојуз ќе ги почитува препораките и мерките на Владата за справување со коронавирусот и своите предизборни активности ќе ги води преку медиумите, социјалните мрежи и преку преноси во живо.

Претседателот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, со речиси иста порака – неговата партија ќе има и онлајн, и активности од врата на врата.

– Не се разгледа можноста да одложување на изборите. Она за што го разговаравме е да имаме преадаптирање на изборната кампања. Ќе имаме алтернативен начин за водење на кампањата, како одење од врата на врата, социјални медиуми, преку мас-медиумите. Сè додека има забрана ќе нема митинзи – рече Мицкоски.