Премиерот Зоран Заев рече дека предвремените парламентарни избори ќе се одржат на 12 април догодина. Оваа изјава премиерот ја даде по завршувањето на лидерската средба што вечерва се одржа во вилата „Водно“ на иницијатива на претседателот Стево Пендаровски.

Неговиот предлог бил, тие да се одржат многу побрзо односно на 22 или 29 декември. Но согласно договорот за т.н. Пржинска влада, тој ќе се повлече од премиерската функција во јануари и ќе има 100 дена техничка влада.

Заев рече дека било разговарано и за изборниот модел и како што објасни тие биле за демократизација на тој процес, не се против една изборна единица, и затоа ќе се разговара и за Изборниот законик.

Лидерот на опозицијата Христијан Мицкоски се огласи на „Фејсбук“ и напиша дека „завршува арамилукот, срамот, неправдите и назадувањето донесено од Зоран Заев и оваа влада.“

„Од 3 јануари техничка влада, на 12 април избори.Иако се тешки времиња изборот никогаш не бил појасен. Сите заедно одиме на голема победа која ќе ја донесе обновата на Македонија“, напиша Мицкоски

Претходно, претседателот Стево Пенадаровски информираше дека сите присутни политички партии се согласни дека државата треба што поскоро да ги почне и да ги зварши пристапните преговори со Европската унија.

– Имаме јасен државен консензус од релевантните политички лидери во нашата земја дека стојат зад идејата Република Северна Македонија што е можно поскоро да ги почне тие преговори и што е можно поскоро да ги заврши преговорите и да стане полноправна членка. Сите присутни на средбата се согласни дека немаме проблем со евентуална нова и подобрена методологија за водење на пристапните преговори. Сите присутни на средбата рекоа дека немаат проблем ако новата методологија подразбира реверзибилност на процесот, значи едно поглавје кога ќе го затворите, ако трендовите во таа област се негативни, слободно може да не вратат назад, па дури и на самиот почеток од процесот“, рече Пендаровски