fbpx

Партиски конгрес на ВМРО-ДПМНЕ, Мицкоски единствен кандидат за претседател

-

Нови лидери денеска избираат двете најголеми политички партии во земјава. Владејачката СДСМ наследникот на досегашниот партиски претседател Зоран Заев го избира на вонредни внатрепартиски избори, додека ВМРО-ДПМНЕ се очекува на редовниот конгрес да го реизбере актуелниот претседател Христијан Мицкоски како единствен кандидат.

На 17-тиот редовен Конгрес на ВМРО-ДПМНЕ во спортскиот центар „Јане Сандански“ ќе земат учество и се поканети 517 делегати.  Како што соопштија од партијата, до Конгресот била доставена само една кандидатура од страна на досегашниот претседател Мицкоски.

Покрај изборот за претседател на партијата, Конгресот треба да донесе и акт, политички документ, кој ќе претставува платформа за идни делувања на ВМРО-ДПМНЕ. По изборот на претседател, на Конгресот ќе биде избрана и статутарна комисија и комисија за надзор и финансиско работење на партијата.

„Од овој Конгрес веруваме и сигурни сме дека излеземе уште пообединети, уште посилни и ќе донесеме нови победи на ВМРО-ДПМНЕ и на Македонија. Ние гледаме дека изминатиов период државата е во тешка економска, социјална и здравствена, но и енергетска криза којашто оди на штета на граѓаните. И покрај тоа нема никаква одговорност. Ние ветуваме дека ќе донесеме одговорност, ние ветуваме дека следниот период ќе се бориме да ја направиме Македонија подобра држава за живеење“, истакна Ѓорѓија Сајкоски, Генерален секретар на партијата.

Актуелниот лидер на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски, на прес-конференција рече дека државата се наоѓа во траорна состојба и оти за излез од кризата се потребни предвремени парламентарни избори.

„ВМРО-ДПМНЕ е најголемата политичка партија во Македонија, ВМРО-ДПМНЕ ја има најголемата пратеничка група во парламентот, најголем број на градоначалници во општините, најголем број на советници.Но, за жал поради политичката некултура којашто владее во Македонија, еве веќе четири години откако СДСМ е власт, се уште за кратко време ќе бидеме во опозиција и затоа инсистираме на брзи предвремени парламентарни избори затоа што народот треба да биде претставуван согласно тоа за што гласал, а народот гласал на последните локални избори за ВМРО-ДПМНЕ и Коалицијата“, истакна Мицкоски.

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...