Пратениците на владејачкото Движење на социјалистите на Александар Вулин поднесоа пред Собранието на Србија предлог-закон за регистар на агенти на странско влијание, објави дневниот весник Данас.
Во предлог-законот, кој во петокот до поднесоа пратениците Бојан Торбица и Ѓорѓе Комленски, кои се дел од пратеничката група на Српската напредна партија (СНС), се вели дека за агенти под странско влијание ќе се сметаат „сите здруженија и непрофитни организации кои во најголем дел се финансираат од или на друг начин им помагаат на други држави, нивните органи, меѓународни и странски организации, странски државјани или регистрирани невладини организации кои се финансираат од странство“.
Се додава дека под финансирање во најголем дел се подразбира дека здружението или непрофитната организација во последната година дена од наведените субјекти добила повеќе од половина од вкупните средства.
Предлог-законот ги препознава како странски субјекти „владите, извршните органи на другите држави или странски политички партии, физички лица кои немаат државјанство на Република Србија и живеалиште во Србија или правно лице или група на правни лица која е организирана, регистрирана или основана по прописи на други држави или која има седиште во друга држава“.
Агент на странско влијание, според предлог-законот, е и непрофитна организација „која се бави со политичко делување или политички активности, како и други активности кои се однесуваат на политичко организирање и делување насочено кон загрозување на демократијата, нарушување на интегритетот на Србија, кршење на слободите и правата гарантирани со Уставот на Србија и разгорување на национална, расна или верска омраза и нетрпеливост“.
Настапите на претставниците на агентите на странско влијание, печатените материјали или материјалите кои се објавуваат по пат на електронски медиуми, информациски или телекомуникациски мрежи, или на друг начин се врши нивна дистрибуциуја, мораат да имаат ознака дека организацијата е впишана во Регистарот на агенти за странско влијание, кој ќе го воспостави и води Министерството за правда на Србија, се наведува во предлог-законот.
Во случај непрофитната организација да постапува и спроведува активности, а не е впишана во Регистарот на агенти со странско влијание, или не поднела пријава за упис, Министерството до надлежниот суд ќе поднесе предлог за забрана за објавување и пријава против одговорните лица во согласност со одредбите на кривичното законодавство на Србија, се додава во текстот на предлог-законот.
Тој предвидува и казни, поточно парични казни за непрофитните организации од 100.000 до 2.000.000 српски динари, а за одговорното лице казна од 5.000 до 200.000 српски динари кога не одбележуваат промотивен материјал во согласност со законот, не поднесуваат пријава или даваат неточни информации при поднесувањето односно дополнувањето на пријавите во врска со уписот во Регистарот, кога нема да поднесат дополнение на пријавата за извршени промени во предвидениот рок, и кога нема да достават финансиски извештај како што е предвидено со закон.
Пратеникот Торбица рекол оти во српската јавност „веќе подолго време се води јалова расправа за потребата за поголема транспарентност на работата на невладиниот сектор“ и додал дека е „поразувачки фактот што во Србија постојат и непречено работат здруженија кои отворено работат против државните и националните интереси“.
„Државата ни ја преплавија разноразни професионални активисти кои за енормна накнада на странски налогодавци се борат за сè освен за интересите на сопствената држава и своите сонародници. Со цел понатамошно спречување на ваквото делување, предлагаме темелна измена на законската регулатива за финансирање на невладиниот сектор“, рекол Торбица.
Закон за странски агенти оваа година сакаше да усвои и власта во Република Српска, но по критиките од ЕУ и САД тој закон беше повлечен од парламентот на ентитетот во рамки на Босна и Херцеговина. Критичарите тврдеа дека тој предлог е сличен со рускиот закон за странски агенти од 2012 година кој власта во Русија го користи за справување со неистомислениците.