fbpx

Партиите пред избори редат ветувања за бројни инфраструктурни проекти

-

Двете најголеми политички партии во земјава со слични ветувања за развој на инфраструктурата во наредните четири години, доколку тие го добијат мандатот од граѓаните за да формираат влада. Коалициите „Можеме“ на СДСМ и „Обнова за Македонија“ на ВМРО-ДПМНЕ ставаат акцент на развојот на патната инфраструктура и транспорт, а во позадина се ставени железничката инфраструктура и сообраќај, велосипедскиот превоз и воздухопловниот транспорт. Забележливо е дека во ветувањата на двете политички партии не се вметнати детални информации за тоа од каде ќе се обезбедат средствата од неколку милијарди евра што ќе бидат неопходни доколку навистина се градат овие проекти.

Во фокусот на предизборните програми е ставена изградбата на автопатите и експресните патишта, кои ако се суди по партиските ветувања, во наредните четири години ќе ги има и до најмалите градови во земјава. Во програмата на коалицијата „Можеме“ се ветува изградба на автопатишта во должина од 260 километри во наредните четири години. Покрај завршувањето на постојните проекти во изградба (Скопје-Блаце и Кичево-Охрид), од СДСМ ветуваат изградба на автопатите Требеништа-Струга-Ќафасан, Гостивар-Кичево, Велес-Прилеп-Битола и проширување и реконструкција на Тетово-Гостивар.

Слично на нив, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека во наредниот мандат би ги изградил автопатите Кичево-Охрид, Требеништа-Струга, Катланово-Велес, Велес-Прилеп-Битола, Скопје-Блаце и би го проширил автопатот Тетово-Гостивар. Од опозициската коалиција ветуваат и довршување на сите веќе започнати со изградба експресни патишта во земјава, но и изградба на нови: Битола-Меџитлија и Струмица-граница со Бугарија.

Од коалицијата „Можеме“ пак ветуваат дека во наредните четири години ќе ја завршат изградбата на експресни патишта во должина од 300 километри. Покрај тоа што ќе ги комплетираат експресните патишта кои во моментов се градат, од СДСМ ветуваат и нови проекти за поврзување на Смоквица со Струмица и Ново Село, Битола со граничниот премин Меџитлија, Куманово со Ранковце и Кочани со Делчево.

Во делот на железничката инфраструктура, ВМРО-ДПМНЕ ветува дека пругата кон Бугарија, од Куманово преку Крива Паланка до Деве Баир, целосно ќе ја заврши со изведба до 2024 година. Ако добијат мандат од граѓаните за да формираат влада, тие ветуваат набавка на пет нови возови за патниците, електрификација на пругата Велес-Битола-граница со Грција и изработка на проектна документација за две нови пруги – од Илинден до Меѓународниот аеродром Скопје и од Миладиновци до индустриската зона Бунарџик.

Приближно идентични проекти можат да се прочитаат и во програмата на коалицијата „Можеме“. И СДСМ ветува завршување на изградбата на пругата кон Бугарија во наредниот мандат, изградба на заеднички железнички граничен премин меѓу Македонија и Србија кај Табановце, електрификација на пругата Скопје-Ѓорче Петров-Волково-Блаце, како и подготовка на проектна документација за поврзување на Меѓународниот аеродром Скопје со воз, но од железничката станица Миладиновци. „Мета.мк“ во неколку наврати во изминатиов период пишуваше токму за потребата од реализација на овој проект.

Од СДСМ ветуваат и пилот-проект за воведување на приградски железнички сообраќај на потегот од Зелениково до главната железничка станица во Скопје. И двете партии се залагаат за основање на електронски систем за издавање на билети на патниците, додека од актуелната владејачка партија ветуваат и поставување на соларни панели на железничките станици низ земјава.

Во делот на воздухопловниот сообраќај, и двете партии ветуваат воведување нови авиолинии од двата македонски аеродрома, но занимлив е податокот дека и СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ не го споменуваат во нивните програми проектот за реконструкција или изградба на нова терминална зграда на охридскиот аеродром „Св. Апостол Павле“ во наредните четири години.

Во делот на велосипедската инфраструктура и сообраќај, коалицијата предводена од ВМРО-ДПМНЕ ветува дека до 2025 година ќе изградела патеки во должина од 50 до 100 километри во градовите над 20.000 жители, додека за населените места под 20.000 жители ќе изградела велосипедска инфраструктура од 20 до 50 километри. Од опозициската коалиција ветуваат и изведба на државни регионални велосипедски патеки, со кои ќе се поврзат населените места и туристичките знаменитости, но без да прецизираат за кои конкретни локации станува збор.

Од коалицијата „Можеме“ пак ветуваат изградба на планиниски велосипедски патеки во струшкиот регион, посебни ленти и нови велосипедски патеки во градските средини, како и изведба на инфраструктура за овие превозни средства помеѓу населените места, но и кај нив нема детали за кои локации станува збор.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Гранатирани инфраструктурни објекти во Запорожје и Одеса

Руски проектили погодија индустриска инфраструктура во градот Запорожје, информира Регионалната воена управа на Запорожје, пренесува Укринформ. Утрово, руската армија лансираше балистичка ракета од привремено окупираниот Крим и врз инфраструктурен...