Партиите да ги земат предвид потребите на младите, потенцираат младинските организации

Во однос на претстојните парламентарни избори, реакција и низа препораки упатија од Мрежата за спречување на одлив на мозоци, во која членуваат седум младински организации меѓу кои: Лидери за едукација, активизам и развој, МладиИнфо интернационал, Младите можат, Младински сојуз – Крушево, Здружение за дислексија Ајнштајн, Центар за младински активизам КРИК, и Центар за мултдисциплинарен развој – Процес.

Младинските организации од политичките партии очекуваат идеи и конкретни планови пресликани во сите аспекти на нивните програми. Политичките програми треба да ја рефлектираат моменталната ситуација, да посочат приоритетни области, конкретни цели и рокови и да определат засегнати институции и ресурси, сметаат од мрежата.

„Политичките партии треба да ги консултираат младите, младинските организации. Ниедна идеја за младите нема да биде успешна без нивно активно вклучување. Но, вклучувањето на младите во никој случај не се исцрпува само со консултација. Политичките партии треба јавно и недвосмислено да се обврзат дека ќе ги земат предвид потребите и препораките на младите и младинските организации“.

Тие велат дека партиите имаат шанса да добијат поддршката од младите гласачи само ако партиите покажат доблест да ги согледаат грешките од минатото и визија да ја обликуваат иднината.

Од Мрежата бараат Министерството за образование да донесе нова Стратегија за спречување на одливот на мозоци, како и да спроведе реформа на сите нивоа на образование која ќе се базира на користење нови технологии, дигитализација и модернизација на наставните програми и администрацијата. Исто така, сметаат дека МОН треба да стави во употреба и да формира нови кариерни центри во средните училишта и универзитетите кои ќе им помагаат на младите во нивниот кариерен избор и професионално усовршување, потпирајќи се на потребите на домашниот пазар на труд.

Но, младинската мрежа не се осврнува само кон Министерството за образование и наука. Тие упатуваат препорака и до другите државни институции.

„Агенцијата за иселеништво и Агенцијата за странски инвестиции да формираат систем за прибирање информации за нашата млада интелектуална дијаспора и да интензивира промоцијата на државата како “инвестициски рај” со цел привлекување директни инвестиции од младите и пренос на знаење, практики и искуство“ се вели во соопштението на Мрежата за спречување на одлив на млади.

Тие исто така го охрабруваат Министерството за економија, финансиски да поддржи отворање на бизниси на локално ниво и да се децентрализира понудата и работата на бизнисите основани од млади луѓе. Додека пак, Агенцијата за млади и спорт да ја прошири и интензивира праксата на отворање младински центри во секоја општина во државата и создавање децентрализирани можности за раст, развој и практични животни вештини на младите.