fbpx

Парното нема да поскапи претстојнава сезона, Регулаторна незначително ги намали цените

-

И покрај барањата на Балкан Енерџи Груп (БЕГ) за поскапување на цената на парното греење за претстојната грејна сезона, Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги (РКЕ) донесе одлуки со кои вкупната цена на испорачаната топлинска енергија на трите компании во Скопје во просек незначително се намалува.

Од РКЕ се огласија со соопштение во кое посочуваат дека сметките што ќе ги добиваат потрошувачите приклучени на БЕГ, ЕЛЕМ Енергетика и Скопје Север практично ќе останат на исто ниво како и во изминатата грејна сезона. Одлуките за цената на парното греење требаше да се донесат на крајот на јули, но регулаторите ја одложија за еден месец ваквата одлука поради сериозни забелешки што беа доставени од БЕГ.

„Имаме сериозни разидувања со БЕГ во однос на нивните трошоци за набавка на топлинска енергија од ТЕ-ТО и во одреден дел кај другите трошоци. Сакаме во разумна и релаксирана атмосфера да си ги размениме аргументите и фактите со БЕГ и да донесеме одлука што ќе биде правична и за граѓаните и за компаниите“, изјави претседателот на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги, Марко Бислимовски на 31 јули.

Во меѓувреме, покачувањето на цената на електричната енергија за домаќинствата за 7,42 отсто предизвика протести на граѓаните во неколку градови низ земјава. Протестите против поскапувањето на струјата го поддржаа дел од синдикатите, граѓански иницијативи, еколошки организации и политичари, а најтензично беше во Тетово. Протестите траат веќе цел месец, а граѓаните бараат да се поништи одлуката за зголемување на цената на струјата.

И покрај најавите на РКЕ дека и БЕГ побарале поскапување на парното греење слично како што тоа беше побарано за струјата од енергетските компании, од Регулаторна велат дека поради исклучително сложениот период во кој се наоѓаме со пандемијата на ковид-19, трошоците на компаниите кои испорачуваат топлинска енергија овој пат биле пресметани на минимално ниво.

„Анализите укажуваат дека греењето на топлинска енергија преку централните системи за греење на трите компании во град Скопје останува најекономично и еколошки нај оправдано решение. Апелирам секое домаќинство што е приклучено на системите на топлинска енергија од трите компании на територијата на град Скопје да го користат овој енергенс“ изјави Марко Бислимоски, претседател на Регулаторната комисија за енергетика и водни услуги.

Во Скопје во моментов на трите централни системи за греење се приклучени околу 58.000 потрошувачи на парно греење. Изминативе години цената на парното греење во главниот град забележува постепен пад, а само лани греење преку БЕГ како најголем снабдувач забележа поевтинување од 6 отсто во однос на 2018 година. Во мај годинава за 37 отсто се намали и надоместокот за приклучување на системот за дистрибуција на топлинска енергија.

Намалувањето на цената на топлинската енергија во изминативе години придонесе граѓаните да донесат одлуки за повторно приклучување кон трите централни системи, со што беше запрен негативниот тренд на опаѓање на бројот на корисници на парното греење.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

„Шорткат“: Апликацијата ДИА како асистент на лицата со дијабетес

Во вечерашното издание на емисијата „Шорткат“ ги имаме Ѓорѓина Ристовска и Марио Мијатовиќ - млади иноватори кои ја креираа апликацијата ДИА, како асистент на лицата со дијабетес. Инспирирани од...