Photo by Guillaume Périgois on Unsplash

Во исчекување на датум за почеток на преговори за членство во ЕУ, Северна Македонија мора да продолжи со реформите, а Собранието и Владата да го зајакнат дијалогот и да постигнат консензус при донесувањето на законите кои се од значење за идното членство на земјата во ЕУ. Парламентот треба да биде важен мост кон процесот на евроинтеграција на земјата и затоа е неопходна соработка меѓу партиите и надминување на ваквите ситуации со кои се нарушува кредибилитетот на државата во ЕУ и кај другите партнери, а што е пречка за старт на преговарачките процеси.

Ова го посочи Марко Трошановски претседател на Институтот за демократија, на конференцијата на тема: „Пристапниот процес на Северна Макеоднија кон ЕУ и улогата на Европскиот парламент“, во соработка со Фондацијата Конрад Адеауер, на која се дискутираше за улогата и учеството на законодавните домови во процесот на приклучување кон ЕУ, со акцент на Собранието и неговиот однос со Европскиот Парламент.

„Се надеваме дека ќе се најде компромисно решение за откочување на работата на Собранието, за одблокирање на седниците со бројни амандмани, но и законите со ЕУ знаме кои ги носи Владата, да добијат посилен филтер во собраниските комисии. Со новиот деловник на работа се очекува да се надминат овие проблеми. За функционална работата на Собранието се залага и иницијативата на Европскиот парламент, преку Жан Моне дијалогот“, рече Трошановски, кој дода дека, без разлика која партија е на власт, во интерес на граѓаните и на државата е пратениците да покажат спремност за соработка што е од значење за евроитеграциските процеси на земјата.

Според европратеничката Марион Валсман, Европскиот парламент има клучна улога за земјите кандидати за ЕУ, при што секогаш треба да се учи од искуствата на државите кои веќе станале членки, во смисла да не се повторуваат истите грешки.

„Северна Македонија има огромен потенцијал и јас сум цврсто убедена дека брзо ќе почнат формалните преговори за членство во ЕУ. При тоа, би сакале да имате иницијативен парламент, кој ќе ги следи и контролира процесите и ќе дава свои предлози. Само преку дијалог и размена на мислења се движат работите напред и сите имаат од тоа придобивки“, посочи Валсман.

Потпретседателот на Собранието, Горан Мисовски, зборувајќи за тоа на кој начин се подготвува Собранието за почетокот на преговорите на РСМ со ЕУ, рече дека токму измените во деловникот се направени со цел да зајакне контролната функција на Собранието во законите од Владата со европско знаменце и да се постигне дијалог меѓу политичките партии. „Новиот, модерен европски деловник е одлична основа за јакнење на дијалогот со опозицијата во парламентот, што е од заеднички интерес, посебно во услови на ковид криза. Наша стратешка цел е да станеме полноправна членка на ЕУ и ние мораме да ги приспособиме институциите за тоа. Само ефикасен парламент е вистински двигател на реформите“, рече Мисовски.