Портпаролот на СДСМ, Петре Шилегов, објави документи од Централен регистар кои, според него, покажуваат дека пари на граѓаните завршувале во провладини медиуми.
Според Шилегов, тоа е една од причините зошто без да се обезбедат услови за објективно известување во медиумите, не се можни фер избори и регуларен предизборен и изборен процес.
– Според официјалните документи на Централен регистар, неделникот „Република“, во сопственост на фирмата „Прва Република ДООЕЛ“, остварила приходи во висина од 1,1 милиони евра за период од три години. Идентично како и милионските исплати, тешки 13 милиони евра, за „Сител“, „Канал 5“ и за „Алфа“, и во „Република“ за период од три години завршиле речиси 900.000 евра пари на граѓаните. Според документите, сопственик на „Прва Република ДООЕЛ“ е „Ирсине лимитед“ од Белизе, познатиот даночен рај на „фамилијата“ и на Никола Груевски. Оваа фирма, сопственик на „Република“, се наоѓа на иста адреса со познатата компанија „Сирах лимитед“ – изјави Шилегов.
Шилегов рече дека проектот „Вистината за Македонија“ открил дека „Сирах лимитед“ е фирмата преку која Груевски доаѓал до парцелите на Водно, а нејзин управител е Ристо Новачевски, кумот на Никола Груевски.
Според портпаролот на СДСМ, ова е причината поради која Никола Груевски не сака слободни медиуми и не ги прифаќа европските закони за медиумите.