fbpx

Парадата на гордоста во Скопје ќе се одржи на 26 јуни, организаторите очекуваат безбеден и успешен настан

-

Организацискиот одбор на Скопје Прајд денеска одржа прес-конференција во социјалниот клуб „Комитет“, на која се објавија детали околу одржувањето на втората Парада на гордоста во Скопје на 26 јуни. Пресот го отвори Кочо Андоновски од ЛГБТИ Центарот за поддршка, нагласувајќи дека оваа парада е посветена на сите ЛГБТИ луѓе и поддржувачи, кои ќе дојдат да го изодат овој марш за еднаквост на ЛГБТИ заедницата, но и на сите оние кои нема да можат да дојдат поради различни причини – зашто се плашат за односот со своите најблиски, се плашат за своите работни места или за односот кон нив во училиште или на факултет.

„Изолацијата, која сите заедно ја искусивме минатата година, повеќето ЛГБТИ луѓе ја искусуваат целиот свој живот поради стигмата и предрасудите. И затоа годинава мотото на парадата е ВОН ЅИДОВИТЕ“ – изјави Андоновски.

Уранија Пировска, од Хелсиншкиот комитет за човекови права, посочи дека плановите за одржување на годинешниот Прајд се темелеа на подобрувањето на епидемиолошката состојба во земјата. Таа информираше дека и оваа година е добиена потврда за посветеноста на Министерството за внатрешни работи да се обезбеди највисоко ниво на сигурност.

„Пред две години, нашата парада беше оценета како најдобра токму поради безбедносниот аспект. Очекувам дека МВР и годинава ќе покаже професионалност и ќе им обезбеди на учесниците да се чувствуваат сигурно,“ рече Пировска.

Таа се осврна и на високото ниво на говор на омраза, кое се појавува при секое одржување на настан поврзан со правата на ЛГБТИ лицата и најави дека на редовните состаноци со МВР во пресрет на Прајдот, ќе се пријавуваат и овие случаи.

На прес-конференцијата учествуваше и Тони Ангеловски, помошник на министерот за внатрешни работи за односи со јавноста, кој од име на министерството изјави дека ќе бидат преземени сите непходни мерки за настанот да помине безбедно и во најдобар ред.

Детали за самиот настан сподели Елена Петровска, од Коалиција Маргини. И годинава Прајдот ќе започне со собирање на учесниците во паркот „Жена Борец“ од 10 до 12 часот, а движењето ќе биде по истата рута, покрај Влада, сѐ до Школка во Градскиот парк.

„Таму ќе започне и делот на прослава, бидејќи Прајдот е протест, но и прослава, на која ги реафирмираме надежите за посолидарно, похумано и поправедно општество“ – рече Петровска.

И овојпат, Прајдот ќе го отвори нашиот претставник на Евровизија, Васил Гарванлиев, а потоа ќе следат говори од активисти и неколкучасовна музичка програма. Сите детали околу превентивните мерки и безбедноста ќе бидат тековно споделувани на сите комуникациски канали.

Петровска, во име на Националната мрежа против хомофобија и трансфобија како организатор на Скопје Прајд, им се заблагодари на над 30 волонтери што се вклучени во реализацијата на манифестацијата, за нивната посветеност, поддршка и активизам.

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Поради предизборни митинзи, утре и во недела изменет режим на сообраќај во Скопје

Поради одржување на митинзи од изборната кампања за претседателските избори, овој викенд ќе биде воведен изменет режим на сообраќај во Скопје, информираше попладнево Министерството за внатрешни работи (МВР). Поради партиски...