Папата со порака пред почетокот на КОП 26, лидерите на Г-20 бараат итни мерки против климатските промени

Photo by John Middelkoop on Unsplash

На два дена пред почетокот на Конференцијата за климатски промени на ОН (КОП 26), Поглаварот на Римокатоличката црква, папата Франциск, денеска ги повика светските лидери на самитот во Глазгов да донесат итни и ефикасни одговори за еколошката криза, јавуваат светските медиуми.

Тој предупреди дека климатските промени се досега невидена закана врз заедничкиот дом на сите луѓе. Папата денеска го прими и американскиот претседател Џо Бајден, кој се наоѓа во Рим за да присуствува на состаноците на Г-20 на лидерите на 20-те најразвиени земји во светот.

Инаку, агенцијата Ројтерс дојде до драфт-документот што треба да се усвои од Г-20 во Рим пред почетокот на КОП 26 во Глазгов. Иако ова комунике ќе биде предмет на промени и дополнувања во текот на овие два дена, во него се вели дека светските лидери ќе се заложат за итни чекори кои ќе ја исполнат целта за да се оневозможи зголемување на просечната температура на воздухот во светот од над 1,5 степени.

На ваквата заложба му претходеше Парискиот договор за климатските промени од пред шест години, со кој светските лидери се обврзаа на ваквата цел.

Во Глазгов на 31 октомври ќе започне Конференцијата за климатски промени, на која се очекува да учествуваат речиси 200 земји од целиот свет. Наспроти најавата за присуство на американскиот претседател Џо Бајден, Гардијан денеска објави дека кинескиот претседател Си Џинпинг ќе биде присутен на Конференцијата преку видео конференциска врска, односно нема да допатува во Глазгов.

Инаку, важноста на КОП 26 ја диктираат и временските непогоди и катастрофи кои ја погодија Земјината топка во изминативе години. Паралелно со растењето на емисиите на стакленички гасови во воздухот, на планетата се случуваа екстремните временски настани кои предизвикаа големи материјални штети и човечки жртви.

Климатолозите во континуитет ја нагласуваат важноста да се ограничи порастот на просечната температура на воздухот во светот до 1,5 степени, како би можело да се ограничи ризикот од еколошка катастрофа во иднина.