Во водата во градскиот водовод во Гостивар, според Дирекцијата за заштита и спасување, има бактерија pseudomonas aeruginosa која предизвикува инфекции на кожата, очите и на ушите. И покрај тоа надлежните пред неколку дена изјавија дека водата од водоводот во градот може да се користи за капење.
„Овие бактерии ја прават водата микробиолошки неисправна и небезбедна за консумирање бидејки се опасни за здравјето, посебно за луѓе со слаб имунитет. Предизвикуват инфекции на кожата, очите и ушите. Може да доведат до инфекции на уринарниот тракт и белите дробови кај чувствителни лица. Имаат висока отпорност на многу вообичаени лекови и антибиотици“, изјави вчера директорот на Дирекцијатта за заштита и спасување, Стојанче Ангелов.
Само неколку дена претходно, на 27 јули, министерот за внатрешни работи и раководител на Управувачкиот комитет за координација и управување со системот за управување со кризи, Панче Тошковски, кажа дека водата е безбедна да се користи како техничка.
„Водата може да се користи како техничка вода, односно за бањање и за сите останати потреби во рамки на домаќинството, но не и за пиење ниту пак за подгогвување храна“, изјави Тошковски.
Професорот и микробиолог Никола Пановски, за Мета вели дека таа бактерија се размножува во вода и дека може да предизвика инфекции на кожата и очите.
„Министерот за внатрешни работи кажа дека водата може да се користи за миење, а Ангелов кажа дека има бактерија што може да предизвика инфекции на кожата, очите, што значи дека не смее да се користи за миење. Друго прашање е, зошто не им даваат да ја вријат водата? Зошто не им кажуваат дали водата од бојлер е бебедна за користење? Дали бактеријата е во каптажта кај изворот или се наоѓа во остаток од водоводот? Ако е второто, треба да се испушти, да се испразнат цевките во кои бактеријата не би преживеала ако тие цевки се исушат. Треба да се исита дали е отпорна на хлор. Има многу информации кои не ги знаеме“, смета Пановски.
Според негови проценки, проблемот со водата во Гостивар може да трае уште долго, а проблем според него е и тоа што нестручни лица коментираат за конкретниот случај.
„Има 4 категории на техничка вода, а оваа од која категорија е, не знаеме. Има техничка вода која е за полевање, некоја е за капење. Зошто е забранета за готвење? Од друга страна, самиот хлор може да направи беља, тој е отров за бактерии, но ако се користи многу, може да направи проблем и на човечкиот организам. Непознато е дали имало Гостиварци кои се болни од жолтица во јули месец, непознат е причинителот на епидемијата со оглед на тоа дека не се испитуваше фецес од заболените или можеби испитуваа, но не ги кажаа резултаите. Имаме повеќе од 50 специјалисти за хигиена, околу 80 микробилози и 70 епидемилози, вработени во државни установи и тие треба да го решаваат проблемот, бидејќи тие се стручни“, додава Пановски.
Инаку, на 17 јули Агенцијата за храна и ветеринарство издаде забрана за пиење на водата во Гостивар бидејќи беа откриени пумпи кои директно вбризгуваа отпадни води во водоводниот систем. Инспекторите на АХВ тогаш излегоа на терен заедно со полицијата по зголемен број на пријави од граѓаните за стомачни тегоби.
Неколку дена подоцна директорката на ЈП Комуналец од Гостивар и уште двајца вработени беа приведени и против нив беше започната истрага за загадување на водата во Гостивар. Тие се сомничат дека со штетна матeрија ја направиле неупотреблива водата за пиење во преливната комора на системот кој ја снабдува со вода општина Гостивар и дел од околните села. Тројцата осомничени на 25 јуни дале налози на вработени во претпријатието да постават три потопни пумпи во канал со површинска вода со штетни материи во близина на преливната комора со вода за пиење за да го тестираат притисокот на водата.
АХВ земаа примероци од водата, и иако беа готови резултатите од анализите на земените мостри, Владата и Обвинителството не ги објавија јавно веднаш. На инсистирање на новинарите, на 20 јули, Јавното обвинителство ги објави резултатите според кои водата во Гостивар била екстремно загадена и не требало да се употребува за ништо. Во водата биле откриени „колиформни бактерии од 2419,6 cfu/100 мл наспроти максимално дозволените 50 cfu/100 мл, а во примероците земени од каптиран извор е констатирано дека водата има зголемен број на аеробни мезофилни бактерски колонии како и наод на колиформни бактерии каде во референции треба да има 0 cfu/100 мл додека во водата се пронајдени 39 cfu/100 мл“. Станува збор за екстремно големо количество фекалии во водата за пиење.
Секојдневно десетици лица од Гостивар бараат лекарска помош поради стомачни тегоби.
