Пред пет дена, кластер од патници со тешка респираторна болест на крузер бил пријавен во Светската здравствена организација (СЗО). Бродот превезувал 147 патници и членови на екипажот, а заклучно со 4 мај, идентификувани беа седум случаи (два лабораториски потврдени случаи на хантавирус и пет сомнителни случаи), вклучувајќи три смртни случаи, еден критично болен пациент и три лица со благи симптоми. Почетокот на болеста бил помеѓу 6 и 28 април 2026 година и се карактеризирал со треска, гастроинтестинални симптоми, брза прогресија кон пневмонија, акутен респираторен синдром и шок. СЗО соопшти дека епидемијата се менаџира преку координиран меѓународен одговор кој вклучува детални истраги, изолација и третман на случаите, медицинска евакуација и лабораториски испитувања.

Хантавирусот е еден од најстарите вируси и многу епидемии во минатото биле поврзани токму со овој вирус. За каков вирус станува збор, од кога постои, какви симптоми дава, дали сме во опасност? На овие прашања одговор побаравме од проф. д-р Никола Пановски, микробиолог и професор на Медицинскиот факултет.

„Болеста постои со векови, но пишани се епидемии се онаа во Русија од 1912 година, како и онаа во 1954-55 година за време на корејските војни, во која заболеле неколку илјади војници. Тогаш го има добиено името, по една река Ханта во Јужна Кореја. И тогаш било докажано дека се работи за вирус, а во 1976 година за прв пат од глодар е изолиран вирусот, односно за прв пат е виден на електронски микроскоп. Хантавирусот припаѓа на Bunyaviridae, голема група на РНК вируси и тоа е единствен вирус од таа фамилија која не се пренесува со инсекти. Сите останати членови на таа фамилија се пренесуваат преку инсекти. Ова е единствен вирус кој не е поврзан со инсект и кој може да се најде на целата земјина топка“, објаснува Пановски.

Предизвикува два типа на болести 

Како што објаснува проф. Пановски, станува збор за средно голем РНК вирус кој предизвикува две врсти на болести. Првата е ханта белодробен синдром и ханта хеморагична треска.

„Првата болест е ретка, но многу сериозна и ги зафаќа белите дробови, односно ги слепува алвеолите, а страда и срцето. Втората болест е посериозна и се манифестира со крварење од целото тело и бубрежен синдром, откажуваат бубрезите“, вели Пановски.

Болеста започнува со покачена телесна температура која трае една недела, а исто така како симптом се појавува главоболка, болки во телото, специфично во грбот, а ако се развие еден од двата синдроми, тогаш следуваат проблеми со белодробие или бубрези. Смртноста е од 1 до 15 отсто, што е екстремно високо ниво на смртност.

Не се знае дали луѓето се заразиле на крузерот или биле во инкубација 

За случајите на зараза со овој вирус на крузерот неизвесно е дали патниците се заразиле на бродот или веќе биле во инкубација (која трае од една до шест недели) кога влегле на бродот.

„Околу 150 илјади случаи на годишно ниво има од оваа болест. Случајот со крузерот привлече внимание бидејќи се случи меѓу богато население, да се случеше кај сиромашно население мислам дека ништо немаше да се знае. Начинот на пренос од човек на човек е повеќе теоретски, но во кабините на крузерот не е исклучена можноста да се случил пренос од човек на човек. Сега е најважно е да се открие жариштето. Ако има глодари во бродот, во прашината во воздухот го има вирусот, особено во воздухот каде што има исушен измет од глодари. Главно е да се види дали во крузерот има глодари како што има и во секој брод, или пак, луѓето биле инфицирани од надвор, што е помалку веројатно. Во секој случај, кога ќе појдат на копно нема да се опасни за околината“, вели Пановски.

Нема опасност од епидемија

Според професорот Пановски, нема опасност од ширење на вирусот.

„Ние сме блиску до ендемско подрачје кај што го имало тој вурус. Во осумдесетите години на минатиот век го имаше како епидемија во Косово и во Црна Гора. Онаму каде што има проблем, треба да се преземат мерки бидејќи ако глодарите не се фатат на време, луѓето ќе бидат поизложени на вирусот. Ако се јави болеста односно ако има некое жариште, треба да се направи дератизација и дезинфекција, има начин да се контролира. Вакцина има во Кореја, но не гледам причина луѓето да се вакцинираат“, смета Пановски.

Според информациите на Црногорскиот Институт за јавно здравје, на крузерот има државјани на Црна Гора, но и од 87 други земји меѓу кои Велика Британија, Шпанија, Франција, Германија, Грција, Белгија, Полска, Ирска, Турција, Соединетите Американски Држави, Канада, Нов Зеланд, Австралија, Аргентина, Јапонија, Филипини, Русија, Украина, Индија, Португалија, Гватемала и Холандија. Но, оттаму немаат информации дали меѓу заболените или оние со благи симптоми има црногорски државјани.

Летото 2017 година во Македонија од Ханта вирус починаа татко и син од селото Симница, гостиварско. Тогашниот министер за здравство, Арбен Таравари ја смируваше јавноста откако се појави паника, велејќи дека вирусот не се пренесува од човек на човек, туку најчст преносител е полскиот глушец.