Панел дискусија за подобри дигитални услуги креирани за граѓаните

Фондацијата за слободата „Фридрих Науман”, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“ и Институтот за општествени и хуманистички науки – Скопје (ИССХС), утре со почеток во 10 часот, во хотелот „Александар Палас“ ќе одржат панел дискусија „Испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните“. Настанот ќе може да се проследи и преку Зум.

Настанот се организира во синергија со проектите поддржани од Фондацијата „Фридрих Науман”, „Метаморфозис“ и ИССХС. Истиот ќе придонесе за јавна и експертска дебата за можностите за вистинска дигитализација на услугите, обезбедени од јавната администрација на централно и локално ниво во Северна Македонија и ќе послужи како извор на клучно и стручно знаење за одговорните засегнати страни. Ќе учествуваат владини претставници и експерти од граѓанските организации.

Програмата на настанот се состои од кратка презентација на две истражувања, имено „Анализа на е-услуги во општините во Република Северна Македонија” изготвено од Фондација Метаморфозис, и “Дигитализацијата како пат на вистинска администрација ориентирана кон граѓаните: децентрализација на процесите како средства за забрзана и ефективна реформа” изготвено од Институтот за општествени и хуманистички науки, по што ќе следи дискусија за испорачување на дигитални услуги креирани за граѓаните.

Настанот е од отворен карактер и на него се очекува да присуствуваат претставници од институции, граѓански организации, медиуми и други засегнати страни. Работен јазик на настанот е македонски јазик, со обезбеден превод на албански и англиски јазик.