Photo by Sharon McCutcheon on Unsplash

Пандемијата со ковид-19 ја намали транспарентноста на институциите и го ограничи пристапот до информации од јавен карактер е заклучокот на денешната онлајн дебата „Пристап до информации од јавен карактер во време на пандемија“, која беше организирана од страна на Самостојниот синдикат на новинари и медиумски работници (ССНМ).

Тамара Чаусидис од БИРН истакна дека транспарентноста која отсекогаш е на килави нозе сега е ставена ад акта, со образложение дека, референтите кои во институциите се задолжени за давање на информации од јавен карактер, работат од дома и не се во можност да ги достават информациите.

„Префрлувањето на одговорност за да се одбегне давање на информации од јавен карактер доби уште еден аргумент, а тоа е пандемијата. Луѓето задолжени за давање на тие информации се брана, за да не ја добиете информацијата. Тешко е таа брана да се пробие. Новинарите, невладините организации, граѓаните креваат раце бидејќи губат време при упатување на други институции или добивање на бесмислени одговори. Проблемот со транспарентноста е голем бидејќи се нема таква волја, администрацијата оневозможува пристап до информации. Во оној момент кога ќе го добијат барањето, размислуваат како да ве одбијат,“ рече Чаусидис.

Таа посочи и на неисполнување на обврската на институциите на нивните веб-страници да објават 21 документ, што е дел од Стратегијата на Владата за транспарентност, во кои документи ќе бидат содржани информации од јавен карактер. Или пак и тие документи што се објавени се непотполни, неуредни со „мртви“ линкови, за што, таа смета, дека сето тоа е намерно и со тенденција.

„Оваа Влада во овој мандат прави чекор назад во транспарентноста. Пред четири години имаше големи ветувања, и затоа големи очекувања. Не само соопштенија од седници, ветуваа записници, што е важно за да се види кој како расправа. Постои тенденција да се сокријат податоци,“ вели Чаусидис.

Во однос на корисноста на сајтовите на институциите, новинарката Маја Јовановска го посочи сајтот на Владата за кој истакна дека не е апдејтиран со новиот состав, соопштенијата од седниците се селектирани, а записниците се објавуваат после 20 дена.

Транспарентноста, која со новите измени на Законот за слободен пристап до информации ги опфати и партиите, исто така новинарите ја посочија како голем проблем, бидејќи се однесува само во делот на финансирањето на партиите и во ниту еден друг сегмент.

„Политичките партии се сива зона за новинарите. Имаат назначено лица за контакт за слободен пристап до информации, но ние како новинари не знаеме кои се информациите кои се обврзани да ни ги дадат,“ рече Јовановска.

Новинарите упатија забелешка и на членот 6 од Законот за слободен пристап до информации со кој се дефинира кога е ограничен пристапот до информации, а е наведено дека тоа се прави кога треба да се дадат лични податоци, кога се прави повреда на доверливоста на даночните постапки, или информации за кривични постапки.

Новинарката Христина Беловска истакна дека овој член институциите го злоупотребуваат и се повикуваат на него, без да го направат тој тест на штетност, на кој се обврзани пред да се одлучи дали ќе се постапува по барањето за пристап до информации, што е опфатено со членот.

Новинарот Васко Маглешов посочи на конкретни примери од Обвинителство или Суд кога на пример од институциите се бара да се одговори за датумот кога е отворена истрага. Тој посочува дека таа информација не штети на постапката, но правосудните органи не ја даваат бидејќи се повикуваат на тој член. Маглешов исто така посочи и на проблемот за пристап до документи кои произлегуваат од нејавни седници, иако тоа се јавни документи.

Оттука, тој побара доприцизирање на членот 6 од Законот кој се однесува и на кривичните постапки, како и на оној дел за транспарентноста на политичките партии, бидејќи секој произволно го толкува.

Билјана Бејкова од НВО инфоцентар информираше дека во рамките на нивно истражување, над 80 проценти од општините одговориле на барањата за слободен пристап до информации, но малку од нив го испочитувале рокот, доцнеле со одговорите, а и нивниот квалитет бил дискутабилен.

„Општините имаа намалена транспарентност. Ковид-19 се користи како изговор дека немаат време, квалитетот на информациите е послаб, намалена е соработката со граѓанските организации и поддршката. Ситуацијата се влошува во делот на транспарентноста и пристапот до информации,“ рече Бејкова.

Новинарите кои учествуваа на дебатата освен прецизирања на членот 6 од Законот за слободен пристап до информации побараа и скратување на рокот од 20 работни дена, за одговор од институциите по однос на барањето за слободен пристап до информации, како и на повиски казни на прекршителите за поголема ефикасност.

Директорката на Агенцијата за слободен пристап до информации, Пламенка Бојчева која исто така учествуваше на дебатата, рече дека се размислува за измени на Законот и сите овие забелешки ќе се земат предвид.

Бојчева смета дека институциите имаат можност да назначат и заменици на лицата кои се задолжени за давање на информации од јавен карактер, за да нема оправдувања за непостапувањето по барањата.

Портпаролот на МВР, Тони Ангеловски даде предлог за заедничка обука помеѓу лицата задолжени за давање на информации од јавен карактер во институциите и новинарите, за со дијалог да се надмине јазот на она што институциите го објавуваат како документи, а што на новинарите им треба од информации.

foom-logo-disklejmer

Текстот е изработен во рамки на проектот „Опсерваторија на медиумските реформи“, што го спроведува Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, со финансиска поддршка на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.

Содржината на текстот е единствена одговорност на авторите и на ниту еден начин не може да се смета дека ги одразува гледиштата на „Фондацијата Отворено општество – Македонија“.