Извор на фотографија: Општина Прилеп

Прилепските стопанственици се сериозно загрижени за иднината на нивните бизниси. Се жалат на намалени приходи, намален број корисници на нивните услуги и производи, а не се задоволни ниту од владините антикризни мерки, иако голем дел користат некоја од лепезата владини мерки.

Овие се главно резултатите од истражувањето насловено како „Влијанието на ковид -19 пандемијата врз малите и микро бизнисите во старата прилепска чаршија“, што од април до почетокот на овој месец го реализираше четиричлен експертски тим од Економскиот факултет од Прилеп, а ќе бидат објавени наскоро во референтно меѓународно списание.

– Со анкетниот прашалник се опфатени 74 правни субјекти, меѓу нив бројни мали дуќани од чаршијата, бутици, парфимерии, продавници за чевли, но и поголеми компании. Заеднички именител за сите е што се соочуваат со намалени приходи, намален број корисници на услугите. Имено, околу 20 отсто фирми според истражувањето ги затвориле продажните дуќани, скоро за 11 отсто е намален бројот на вработените во анкетираните фирми од почетокот и за време на кризата, 93 отсто од анкетираните фирми се изјасниле дека бележат намален  промет / приход, додека 96 отсто анкетирани посочуваат на намален број клиенти. Од друга страна, преку 40 отсто испитаници, воопшто не се задоволни од досегашните владини мерки, иако 70 отсто тековно сепак користат некоја од досегашните економски мерки за борба со пандемијата. Голем дел преку 80 отсто анкетирани се сериозно загрижени за опстанокот на своите бизниси – истакнува проф. д-р Коста Сотироски, којшто во очи на одбележувањето на 6-деценискиот јубилеј на факултетот во Прилеп, ги презентираше резултатите од ова научно истражување.

Освен професор д-р Сотироски, во експертскиот тим се вклучени деканката д-р Драгица Oџаклиеска, д-р Татјана Спасеска и д-р Илија Христоски. Според нив, оваа состојба, како директна реперкусија на влијанието на пандемијата е нова и различна од сите други со кои се соочи македонската економија од осамостојувањето до денес.

– Оваа криза има многу свои специфичности. Во таа смисла, стопанствениците, занаетчиите, дуќанџиите лоцираа бројни проблеми поврзани со затворање на бизнисите, односно дуќаните, значително намален промет/приход, намален број на клиенти, купувачи, баратели на услуги и сл. Евидентно е незадоволството во однос на кириите, изразено е незадоволството од досега донесените економски мерки на Владата на Р.С. Македонија, а со тоа расте и нивната загриженост за опстанок на нивните бизниси – акцентира проф. д-р Сотироски.

Деканката, професор д-р Драгица Оџаклиеска ги акцентира предностите од традиционалната и континуирана соработка со прилепското стопанство. Според неа, оваа релација е значајна, во правец на стекнување на емпириски знаења на студентите од една страна и трансфер на теоретските знаења во практиката, од друга страна.

– Пандемијата предизвика длабоки економски консеквенци во сите сфери на деловните активности. Во овој контекст, особено се значајни оценките за степенот на влијание што пандемијата ги оствари во одделните сектори од економијата. Притоа, евидентно е дека таа предизвика сериозни негативни последици врз малите и микро бизниси. Најновото истражување „Влијанието на ковид-19 пандемијата врз малите и микро бизниси во старата прилепска чаршија е уште една потврда за успешната соработка, во конкретниот случај со Регионалната занаетчиска комора од Прилеп,“, оценува деканката Оџаклиеска.

Според претседателот на комората, Кирил Трпчески затворените дуќани во чаршијата се потврда дека и покрај сите мерки, малите бизниси и одредени занаети не опстанаа.

– Кризата предизвикана од „ковид-19“ иницираше и процес на дигитализација во Република Северна Македонија, (но и глобално) што ќе трае и ќе наметнува предизвици. Но, исто така ќе обезбеди и нови можности во економијата, образованието и во другите сфери на општеството. Главниот предизвик во овој поглед е да се осигура дека сите групи во општеството ќе имаат пристап и ќе имаат корист од процесот на дигитализација. Многу од компаниите се прилагодија кон новонастанатите услови и во рамките на своите можности, организираа онлајн маркетинг, како и онлајн продажба, што за повеќе мали и микро бизниси е невозможна операција, поради технички, финансиски причини и без соодветна наобразба за нивно користење, забележа Трпчески.

Според него, намалениот број занаетчии, посебно за одредени занимања ја наметнува потребата за брзо профилирање нови кадри, колку во формалниот, толку во неформалниот образовен систем. Од друга страна, сите можности за учење или стекнување вештини преку практично искуство или во училишните простории или преку практична обука во компаниите како што рече, поради владините ограничувања станаа невозможни. Имајќи го предвид фактот дека економијата и на глобално ниво се соочува со предизвиците од пандемиската криза, се наметнува потребата од зголемена меѓусебна соработка и помош, со цел изнаоѓање решенија за опстанок и евентуален развој во сите области.

– Се надевам дека преку вакви проекти ќе влијаеме на јавната мисла и анализите и резултатите ќе бидат имплементирани во наредните мерки, кои би ги презела нашата Влада, за да може што повеќе да ги неутрализираме негативните ефекти од ковид пандемијата – додаде Трпчески.