Пандемијата наметна промени во образованието како никогаш досега, средношколците бараа вклученост во носењето одлуки

Фото: Thomas Park на Unsplash

Минатата година ова време никој не насетуваше дека образованието ќе се соочи со еден од најголемите предизвици досега. Со појавата на пандемијата со корона вирусот, минатогодишниот март беше клучната точка кога работите почнаа да се менуваат. Тогаш се затворија училиштата, градинките, па дури и факултетите. Беа забранети собири, наставата се пренесе на електронски алатки преку онлајн пристап, а студентите што престојуваа во студентските домови се вратија дома.

Веднаш по затворањето на училиштата, јавниот сервис – МТВ, започна со емитување на „ТВ училница“ чија цел беше да се надомести дел од материјалот што децата го пропуштаат бидејќи не одат на училиште. Подоцна, Владата донесе Уредба со која наставата и оценувањето ќе се вршат електронски. Сепак за да се смири ситуацијата и стравот од непредвидливоста, дел од наставниците со кои Мета.мк разговараше истакнаа дека тогашната завршна оценка ќе зависи од целогодишниот труд, не само од онлајн наставата.

Со оглед на целата ситуација, Фондацијата за интернет и општество „Метаморфозис“, одговори на јавната покана од Министерството за образование и наука (МОН) за Јавна консултација за нацрт верзијата на Концепцијата за далечинско образование и објави стручно мислење врз основа на своите досегашни искуства и специјалистичка експертиза во областа на ИКТ и образованието.

Сепак, она што изминатата година најмногу предизвика бурни реакции во целата јавност е најавата за новиот концепт за основно образование, особено поради спојувањето на повеќе предмети во еден. Министерката за образование и наука, Мила Царовска во неколку наврати појасни дека новиот концепт ќе ги учи учениците критички да размислуваат. А тоа го потврдија и од Бирото за развој на образованието, од каде што укажаа дека учениците ќе учат историја, но на начин прилагоден на нивната возраст. На пресконференција беа обелоденети деталите за концепцијата и беше појаснето дека на час по интегриран предмет нема да влегуваат сите професори, туку секој професор ќе го предава својот дел.

Од МОН го променија датумот до кога може да се испраќаат предлози и сугестии за новиот концепт, и сега наместо до 10, до 20 јануари годинава ќе може сите засегнати страни да се обратат на мејл адресата што ја објави министерството.

Средношколците будно ги следеа промените и бараа вклученост во одлуките

Средношколците во текот на изминатата година во повеќе наврати го изразија својот став во врска со актуелните случувања и реформи. Тие во текот на целата година ја следеа наставата од дома, со исклучок на учениците од стручните училишта, каде наставата се одвиваше по посебни протоколи. Уписите за новата учебна 2020/2021 исто така се одвиваа под протоколи, а во некои училишта како во средното „Владо Тасевски“ се одвиваа на отворено.

Во претходната учебна 2019/2020 беше укината државната матура поради ситуацијата со пандемијата со корона вирусот. Иако тоа за едни претставуваше среќа, за други беше проблем. Но, од МОН соопштија дека сепак, државната матура за учебната 2020/2021 ќе се одржи од 29 мај до 14 јуни годинава, а испитните програми ќе бидат со скратени содржини. Притоа беа воведени и два нови изборни предмети. За ова реагираше и Сојузот на средношколци чиј дециден став е дека оваа година не треба да се одржи државната матура, бидејќи според нив, нема да биде ефективна. Освен ова, тие побараа наместо четири да се полагаат два предмета на државната матура. Освен државна матура, ќе се реализираат и матурските задачи кои може да бидат дигитални, видео и уметничко-сценски изведби.

Владата во август го усвои протоколот за физичка настава во основните и во средните училишта, со кој се наметнаа нови правила. Училиштата се дезинфецираа, а МОН ја стави во функција онлајн платформата за учење www.schools.mk со интерактивни видеа, квизови и тестови за далечинско учење. На 1 октомври, со заштитни маски на лицето, држење дистанца, дезинфекција на рацете и мерење температура на учениците, започна учебната година во училиштата каде е дозволена настава со физичко присуство. Од тој ден наваму, наставата за децата од прво до трето одделение се одвиваше во училиштата под строги протоколи, а за останатите преку онлајн платформата schools.mk која може да работи на скоро сите компјутери, мобилни или таблети купени во последните три години. Средношколците пак, наставата ја следеа преку онлајн алатките. За да се следи работата на наставниците во текот на онлајн наставата, државни инспектори „влегуваа“ на онлајн часовите.

Иако во текот на годината, Сојузот на средношколци разговараше и со МОН, но и со Комисијата за заразни болести и владините преставници за спроведување на протоколите, сепак на средношколците не им се допадна веста за целосна онлајн настава. Тие преку протест го изразија својот револт и притоа предложија комбиниран пристап како најефикасен начин за настава во време на пандемија и децентрализиран пристап, односно секоја општина и училиште посебно да одлучат за најбезбедниот начин за одвивање на наставата. По протестот на средношколците, министерката Царовска понуди комбиниран модел за настава. Така и случи, средношколците продолжија со онлајн настава, освен во дел од стручните училишта, каде неопходно беше присуството на учениците. Но, Сојузот не беше задоволен само со ова. Тие неколку пати најавија дека ќе продолжат со активностите додека не им се исполнат сите барања.

Побараа во случај да се подобри ситуацијата со ковид-19, во ноември учениците да се вратат во училиштата. Меѓутоа, во ноември порасна бројот на новозаразени случаи со ковид-19 и учениците и натаму останаа дома. Поради тоа, Сојузот на средношколци одлучи да не ја бојкотира онлајн наставата.

Меѓутоа, постоеше и злоупотреба на онлајн наставата за која известуваше Мета.мк. Во текот на годината, онлајн настава се следела и од педалинка, а се играле и видео игри за време на предавањата. Од МОН излегоа со став дека во овој случај, родителите се клучен фактор за надминување на злоупотребите на онлајн наставата. Во основното образование, исто така беа забележани злоупотреби.

Настава и оценувањето се одвиваа онлајн, а кога наставникот не можеше да формира оценка онлајн, беше овозможено тој да организира индивидуална средба со ученикот. Со цел да информираме како дел од професорите ги оценуваат учениците, Мета.мк разговараше со дел од нив, пришто дојдовме до одговори дека тие ги користат сите алатки што им се нудат, од дебати, креирање видеа, до презентации и квизови. Но, тоа не значаше дека по секоја цена е дозволено секакво однесување од страна на учениците, недоличните се отстрануваа од час и добиваа неоправдан изостанок.

Минатата година со обука на наставниците започна пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование. Исто така, лани беше и обелоденето дека од 58 држави, на 45 место сме во математичка писменост и на 51 место во природни науки. За оваа година пак, предвидено е пробното ПИСА тестирање да се реализира електронски во периодот од април до мај.

Пандемијата покажа дека дигиталните алатки може да се користат за реализирање на еден вид поинаква настава, но и ја истакнаа неопходноста на еднакви можности за сите. Иако има свои предности, онлајн наставата со себе ги носи и ризиците за злоупотреба на личните податоци на учениците. Далечинското образование беше и натаму е предизвик и за наставниците и за учениците. А за тоа говори и истражувањето на Фондација Метаморфозис, кое покажа дека наставниците се соочуваат со повеќе проблеми во онлајн наставата.

Со вакцинација на населението што би требало да започне во првото тромесечје од годинава, се очекува да се намалува бројот на новозаразени случаи, а со тоа и враќање на првобитното функционирање на сите сектори во државата, вклучувајќи го и образованието, односно враќање на децата во училиштата.

Продолжува…