fbpx

Пандемијата на Шпанскиот грип од 1918 година „филувана“ со дезинформации

-

Во рамките на својата програма за борба против дезинформациите и лажните вести, што на Балканот многу лесно ги минуваат границите и бргу осамнуваат во медиумите на друга држава и понекогаш и на друг јазик, „Мета.мк“ редовно пренесува што е актуелно кај сродните сервиси за проверка на фактите и борба против дезинформациите во регионот, но и во светот.

Хрватскиот сервис за проверка на фактите faktograf.hr анализира дезинформации пласирани пред корисниците на социјалните мрежи од Хрватска, во врска со пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 година.

Објавата се шири по социјалните мрежи со тврдења дека таква „ексклузивна содржина досега ниту еден медиум во Хрватска не објавил“, а не нуди докази за спорните тврдења, пишува хрватскиот сервис за проверка на фактите.

Така, во објавите на социјалните мрежи, кои во најголем дел целосно се совпаѓаат, се тврди дека луѓето во текот на пандемијата на Шпанскиот грип во 1918 година, која продолжува и во 1919 година, „луѓето масовно умирале поради вакцината што им го разрушила имуниот состав во телото“ и дека „симптомите на тој ‘грип’ биле идентични како симптомите на тн. вирус на ебола, којшто исто така бил реакција на вакцина“.

Ваквите проблематични тврдења се проверени и проверувачите на факти од агенциите АФП, Ројтерс и од италијанскиот Facta News.

Во спорната објава, на самиот почеток, погрешно се тврди дека пандемијата на Шпански грип се состоела од два брана, а всушност се состои од три брана: пролет-лето 1918, есен-зима 1918 и почетокот на 1919 година, пишува faktograf.hr.

За бројноста на жртвите и причинителот

Вториот бран бил најсмртоносниот и во голема мерка убивал млади луѓе (смртноста била висока кај деца помали од пет години, кај оние на возраст од 20 до 40 години и кај оние на 65 годишна возраст и постари), но тврдењето дека во вториот бран починале меѓу 20 милиони и 100 милиони луѓе е погрешна.

„Службените проценки на смртноста предизвикана од Шпанскиот грип постојано растат, бидејќи истражувачите и понатаму пронаоѓаат податоци во земјите во развој и на оддалечени места. Податоците од почетокот на 20. век велат дека Шпанскиот грип ја предизвикал смртта на 21,5 милиони луѓе, а новите студии таа бројка ја проценуваат на 50, па дури и до 100 милиони луѓе“, наведуваат докторите на ветеринарна медицина Жељко Цветниќ и Владимир Савиќ во нивниот труд објавен во 2018 година.

Тврдењето дека вториот бран дошол по вакцинирање против „сипаници, тифус и грип и луѓето масовно умирале поради вакцината што им го разурнала имуниот систем во телото“ не е втемелена на никакви истражувања или докази. Иако во статусот не се наведува за кој земја станува збор (бидејќи секоја земја и тогаш, како и сега, имала свои прописи, односно програми за вакцинација), веројатно се мисли на САД, бидејќи ова лажно тврдење се шири во таа земја на крајот на март, наведува faktograf.hr.

Од хрватскиот сервис за проверка на фактите се обратиле до проф. д-р Никола Анушиќ од Филозофскиот факултет во Загреб, којшто докторирал на Шпанскиот грип.

„Иако во текот на пандемијата имало многу етиолошки дилеми, досега е научно докажано дека големата пандемија од 1918/19 навистина била пандемија на грип предизвикана од А тип на вирусот на грип, Х1Н1. Секоја дилема во тој поглед е отстрането од неодамнешните истражувања на британскиот виролог професор Џон Оксфорд, којшто од смрзнати тела на жртви на Шпанскиот грип пронајдени во арктичкиот мраз успеал да ја реконструира генетската структура (РНК) на вирусот-предизвикувач. Значи, постојат многу цврсти докази за сегашните научни сознанија, коишто не оставаат простор за шпекулации.

Вакцината како вистинска причина за смртта е нелогична бесмислица, бидејќи толку масовно истовремено вакцинирање на светската популација би било неизводливо (посебно во воневропските земји со големо население, бидејќи не постоеле никакви капацитети за такво нешто, а пандемијата го зафатила целиот свет. Освен тоа, инокулацијата на населението против големите сипаници се вршела уште од 18. век, иако не систематски“, вели Анушиќ.

Не може да се воспостави врска помеѓу вакцинирањето и пандемијата

Хрватскиот професор вели дека опсегот на вакцинирањето во Хрватска (во рамките на Австро-Унгарија) пред пандемијата на Шпанскиот грип бил таков што поморот од големи сипаници во некои областни на северна Хрватска бил огромен, значително поголем од поморот од Шпанскиот грип.

„Од тоа произлегува дека инокулацијата не е систематски изведена и дека не може да се воспостави врска помеѓу вакцинирањето и пандемијата“, објаснува Анушиќ.

Тој додава дека неочекувано високите стапки на смртност од Шпанскиот грип кај младата популација долго време збунувале, но денеска е широко прифатено дека таа смртност била предизвикана од тн. „цитокинска бура“, односно пресилната имунолошка реакција на организмот на патогенот, којашто кај младите и здравите луѓе била посилна, а со тоа и кобна.

„Значи, сосема спротивно од тврдењето во објавата, каде што за смртноста се обвинува падот на имунолошкиот систем предизвикан од вакцинирањето“, објаснува Анушиќ.

Вакцините не го разурнувале имунитетот – туку спасувале животи

Како што наведува американскиот Центар за контрола и спречување на болестите (CDC), до 1918 година постоеле вакцини за сипаници, беснило, тифус, колера и чума. Вакцината за грип – онаа што денеска ја познаваме – тогаш не постоела. Имено, во 1918 и 1919 година, научниците и лекарите сметале дека Шпанскиот грип е предизвикан од бактерија, дури во 1930-тите е откриен вирусот, а во 1940-те и вакцината против грип. Лекарите во 1918 и 1919 година создавале бактериски вакцини, коишто имале превентивно влијание кон појава на секундарни бактериски инфекции.

„Темелен проблем на сите вакцини во 1918/19 е тој што се развивани против бактерии. Според тоа, вакцините се технички создадени против „погрешен организам и теоретски немале заштитна вредност. Вакцините во тоа време биле прилично груби и луѓето можеби не се чувствувале добро откако ќе ги примеле, но потполно е погрешно да се претпостави дека смртно настрадале 50 милиони луѓе низ светот “, за AAP FactCheck изјавил д-р Питер Хабинс, историчар на медицина и стручњак за Шпанскиот грип во Австралија.

Дополнително, податоците зборуваат дека вакцините спасиле животи, така, на пример, со „вакцината за заштита на војниците од тифусни бактерии при несанитарните услови во Првата светска војна, забележани се само околу 2.000 случаи на тифусна треска , со 227 смртни случаи меѓу 4,1 милиони Американци во униформа“, како што се наведува во трудот „Имунизација поради заштита на Оружените сили на САД: наследство, моментална практика и перспективи“, објавен во 2006 година.

Вирусната болест ебола ја предизвикува вирусот на еболата, не вакцина

Во објавата на социјалните мрежи што се шири меѓу корисниците во Хрватска се тврди и дека „симптомите на тој ‘грип’ биле речиси идентични како симптомите на тн. вирус на ебола, кој исто бил реакција на вакцината“. Но тоа тврдење е неточно, пишува faktograf.hr.

Шпанскиот грип е предизвикан од вирусот инфлуенца А подтип Х1Н1, а еболата е вирусна болест предизвикана од вирусот на ебола, и не станува збор за некакви „таканаречени“ вирусот. Американскиот Центар за контрола и спречување на болестите објави инфографик во кој ги објаснува сличностите и разликите во симптомите што се предизвикани од овие два вируса.

Потоа во објавата се тврди дека „вирусот никогаш не го убива човекот, туку служи за чистење на телото, вирусот е човеков пријател и не е жив организам“. Но иако не се сите вируси смртносни, некои од нив може да убијат човек.

Одговорот на прашањето дали вирусот е жив организам на порталот Ideje.hr го објавила д-р на науки Тамара Чачев.

„Вирусите се баш тоа, гранични – неживи биолошки ентитети додека не „оживеат“ во клетките“, вели Чачев.

 

 

Нашите вести во вашето сандаче

Секој ден во 17 ч. добивајте ги вестите од Новинската агенција Мета директно на вашата електронска адреса.

Ве молиме одберете на кој начин сакате да добивате информации од нас:
Можете да се отпишете од оваа листа преку линкот на крајот од нашите пораки.

Нов апарат за магнетна резонанца во болницата „Св. Еразмо“

Специјализираната болница за ортопедија и трауматологија „Св. Еразмо“ во Охрид, доби нов апарат за магнетна резонанца вреден 1,2 милиони евра, а е набавен со поддршка од Европската Унија, изјави...